25/11/2018

Бранители, антидискриминатори, борци за правата на лицата со инвалидност или...

Во изминатите месеци, да не речам и години, „Мобилност Македонија“ - сојуз кој брои 8.500 членови - поминува низ премрежја, оркестрирано напаѓан за дискриминација, противуставност и тн., со „прекарот“ таканаречен. После 32 години постоење и евидентни резултати, со средства за кои некои ќе се изначудат. Во последниот атак беше директно нападната и „Мобилност Битола“, како едно од најактивните здруженија што брои 1.000 членови. Имено, во нашите објави за набавка на лекови и ортопедски помагала, на огласна табла на Фејсбук и на нашата веб-страна објавивме дека нашите членови можат да го остваруваат тоа право со членска книшка. Донаторот на средствата со платени ваучери нè насочи на две места. Тие ваучери можат да се видат на веб-страната. Имајќи предвид дека ние сме организација со членство и работиме по статут и програма која е легална и законски одобрена, смешно е да бидеме обвинети за дискриминација и прогласени за таканаречени. Во нашата меморија има неколку сегменти за кои е бесцелно да се споменува, но еден процес мора. Во периодот од 2000 до 2002 година, со меѓународен грант од ИОМ-УСАИД, ја имавме можноста за изградба на пристапни рампи и совладување на архитектонските бариери во Битола, во партнерство со општината (што беше услов). После двегодишно барање и добивање на дозволи од соодветните министерства, беа изградени 17 рампи со совладување на висини од 70 до 220 см и 35 пристапи на главната улица и спуштени тротоари. Во објектот на МВР беа изградени дури две рампи. Со овие активности градот Битола (и општина Битола) доби медал од Европската асоцијација за градови без бариери. Бевме горди на нашиот успех и решавањето на предизвици со заеднички ангажман со локалната самоуправа. И наеднаш, прво во МВР и во други места, „паднаа од небо“ летоци во кои се кажуваше дека рампите и сè друго ги изгради кој ако не „Полио плус“! Тие како организација за поддршка, со добра меѓународна поддршка го прокрстарија светот во потрага на подобри патишта во остварување на правата на лицата со инвалидност. Во нивното друштво вообичаено беа и се функционери и службеници од разни сектори во министерствата (отворете Фејсбук и веб-страна). Немаме намера нив да ги наречеме таканаречени, толку ниско не сакаме да паднеме. И на крајот, една мала забелешка за последните случувања. Во Македонија се „откриваат“ лошите услови на живеење на лицата со инвалидност во институциите на системот. Проблемот со деинституционализацијата е во оптег повеќе од две децении кај нас. Во светот, се мисли на западниот свет, е еден век. Овој проблем се разгори особено после Првата светска војна, чиј виор освен загинати, остави и милиони осакатени (телесно, душевно, социјално...). Во изминатиот период, како член на НКТ (пет мандати), сведочев на посети на повеќе меѓународни експерти кои ни нудеа патишта за решавање на проблемот. На прашањата како ги решиле, вообичаено одговорот беше избегнат. Но, на прашањето дали сè уште постојат институции и покрај спроведувањето на активната деинституционализација, одговорот беше ДА. Најревносни во процесот беа Италија и Романија. Со истражувачкото новинарство, во Италија мораа да признаат дека патот не е изоден, а во Романија со молчење ја признаа катастрофалната состојба. Истото ни се заканува и нам ако слепо прекопираме нечие „искуство“, читај незнаење и неможност. Еден од најважните сегменти е односот на средината (не можете да го смените со декрет), едукација на семејството и најважното – вовед на законите за сите и насекаде. Ако Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на ОН е инструмент, тоа де јуре е закон после 05.12.2011 година. За воведувањето не знам. Тоа нека го помислат овие што не се таканаречени и чиј буџет им овозможува да видат и чујат таму каде ние таканаречените не можеме. Прим. д-р Нико Јанков