13/04/2018
На 13 и 14 април 2018 година, во хотелот „Аквавива“ во Охрид беше успешно изведена Меѓународна конференција, во организација на „Мобилност Македонија“, на која нашите пријатели од Словенија ги пренесоа искуствата и словенечката приказна на лицата со пара и квадриплегија. Во првиот ден, кој беше резервиран за медицинарите од Македонија и на кој присуствуваше претседателот на „Мобилност Битола, прим. д-р Нико Јанков, излагач беше проф. д-р Даниел Глобокар од Институтот „Сочи“ во Љубљана, како врвна установа за рехабилитација и хабитација на лицата со инвалидност, вклучително и најголемата можна инклузија во севкупното живеење. Д-р Глобокар систематски и прецизно ги пренесе искуствата, нагласувајќи дека законската легислатива доследно се почитува и прецизно се применува. Надоврзувајќи се на ова, претседателот на Сојузот на параплегичари и квадриплегичари на Словенија, „Дане Костолиц“, го искажа задоволството од претстојот и приемот на домаќините во Охрид и додаде дека државата многу брзо и прецизно реагира на потребите на лицата со инвалидност, не само во исполнувањето, туку и во надградувањето согласно европските стандарди и Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на ОН. Вториот ден беше резервиран за самите членови на „Мобилност Македонија“, со параплегија и квадриплегија, и беше искористен за размена на искуства и мислења, вклучувајќи го и ефективното излагање на проф. д-р Миле Миќуновиќ. Нашите размислувања одат во насока на прибирање на сите позитивни искуства и функционирањето на сојузите како работодавачи со многу висок процент на вработеност на лицата со инвалидност и многу други лица вработени за максимален ангажман и максимална помош од државата, прецизно законски регулирана и ефективно изведена. Имаме што да научиме и да се потрудиме кај надлежните, законите за оваа тематика темелно да се применат. А оние што ги нема, да се донесат. Ние стоиме на располагање.