08/04/2019

„Мобилност Битола“ на промоција на проект поддржан од Австралија

На 8 април, во организација на „Лотус Ј – Нов почеток“, беше организирана и успешно изведена промоција на проектот поддржан од амбасадата на Австралија со наслов „Учи, работи, биди продуктивен“. Раководителка на проектот е м-р Симона Јовевска, членка на „Мобилност Битола“, која и покрај инвалидноста што ја има приковано во инвалидска количка, со знаење, упорност и храброст се здобива со почит од присутните, на чело со НЕ амбасадорката на Австралија – г-ѓа Рут Стјуарт, градоначалничката на Битола м-р Наташа Петровска и многу други гости и изведувачи на настанот. Промоцијата започна со вовед на организаторката Симона, а продолжи со поздравни говори од австралиската амбасадорка и градоначалничката. Потоа следеше и добро подготвена презентација за инклузивноста од искусниот педагог Ѓорѓи Лазаревски, како и рецитал на поемата „Сите сме изгрејсонце“ од Панде Манојлов, во интерпретација на Никола Попчановски. Речиси никој не остана рамнодушен на прекрасната изведба на членовите од „Анастасија центар“, кои танцуваа заедно со деца со попречености. Честитки за раководителката Анастасија Стефановска. На крајот на настанот, заеднички беше изработена слика на платно, со оставање отпечатоци на прсти од сите присутни и, секако, заедничка фотографија. Настанот беше проследен и од повеќе електронски и пишани медиуми. Ѝ честитаме на Симона за проектот и ѝ посакуваме успешна реализација на сите планови.