24/06/2019

Потпишан меморандум за соработка со општините Могила и Новаци

На 24 јуни 2019 година, со претходни консултации и договори беа реализирани посети на градоначелниците на општините Могила и Новаци, Јасмина Гулевска и Љубе Кузмановски. Четиричлената екипа на „Мобилност Битола“, составена од претседателот прим. д-р Нико Јанков и членовите Фанче Георгиевска, Лидија Велјановска и Сотир Јоновски, исцрпно ги информираше градоначелниците за целите и програмите на нашето здружение, главните заложби и перспективи на делувањето, како и за досегашните достигнувања од формирањето до денес. Нашите членови ја искористија пригодата и за да ги поканат на традиционалното „Дефиле на Широк Сокак“, кое ќе се одржи на 30 јуни и чија тема годинава е „Пристапна Битола, пристапна Македонија“. Градоначелниците изразија задоволство и подготвеност за идна соработка, така што беа потпишани меморандуми за соработка во сите домени на живеењето на лицата со телесна инвалидност. Со овој акт започнува нова етапа и делување на „Мобилност Битола“ и во руралните средини, со очекувана поддршка од локалните власти, пред сè од нивните челници. Активностите продолжуваат.