15/09/2019

Поттик

Со овој збор би го опишале значајниот настан, првата градска трка во Битола насловена „Трчај бе“, која се одржа на 15 септември 2019 година и во чии рамки низ битолските улици трчаа 770 учесници од цела Македонија и од други земји, меѓу кои и нашиот член од Ресен, Васил Јанкула, секако, со својот велосипед. Неговото учество на „Трчај бе“ е уште едно во низата успешни и инспиративни подвизи, докажувајќи ни дека кога се сака се може и дека не постои пречка што не може да се надмине. „Сите сме исти“, пишува на предниот дел на велосипедот на Васил, а токму тоа го докажува со неговото учество на ваквите манифестации што привлекуваат сè поголем интерес кај нашите сограѓани. Благодарение на Васил се зголеми интересот и кај нашите членови кои храбро тргнуваат во испишување на свои успешни приказни, за кои сигурни сме дека ќе се редат како бисери во ѓердан. „Трчај бе“ е организирана од група ентузијасти кои одлучија Битола да стане град на трчачи, а имајќи го предвид огромниот интерес и поддршката од голем број компании и јавни институции, веќе извесно е дека ќе прерасне во традиција. Васил Јанкула учествуваше и на вакви манифестаци што се одржуваат и во други градови низ Македонија, како што се „Визер скопски маратон“ и „Охрид трчаТ“.