12/10/2021

Прв состанок на партнерите во проектот „Алтер трип“ во Солун

На 12 октомври 2021 година во хотелот „Македонија Палас“ во Солун, соседна Грција, беше успешно и беспрекорно организиран првиот оперативен состанок на партнерите во проектот „Алтер трип“. Делегацијата на „Мобилност Битола“ беше составена од претседателот прим. д-р Нико Јанков, проектниот менаџер и администратор дипл. инж. Ивона Јанкова, и долгогодишиот пријател на нашето здружение и советник во проектот проф. д-р Игор Неделковски. Водечкиот партнер – Институтот за истражување и развој на дејности и изложби – го претставуваа директорката на институтот Вики Далкрани, проектниот менаџер д-р Димитрис Куркуридис, Марита Папагиани и Спирос Хиотерис, додека во име на вториот партнер – Министерството за внатрешни работи (сектор Македонија и Тракија) – присуствуваа Магдалини Дуинуди, Зафиридис Анастасиос и Софија Апостолиду, како и проектниот менаџер д-р Јоанис Коѕиабасис, кој состанокот го следеше преку онлајн-врска. Самиот состанок беше поделен во неколку фази. Првата фаза беше за запознавање на партнерите и секоја страна да се претстави која е, што работи и што има сработено досега. Впечатокот е дека нашите партнери се многу сериозни и стручни во областа која е предмет на работа и дека на слични проекти работат веќе години наназад. Нашето претставување беше многу успешно, со презентација за „Мобилност Битола“ претставена од проектниот менаџер Ивона Јанкова, а во понатамошниот тек на состанокот, при договарањето на активностите по фази, богатото искуство на проф. Неделковски беше од непроценлива корист, така што веруваме дека и нашите партнери си заминаа дома со позитивен впечаток за нас. Ако велат дека денот по утрото се познава, тогаш денот е убав. Активностите продолжуваат.