5/11/2021

УО на „Мобилност Битола“

На 5 ноември 2021 година, УО на „Мобилност Битола“ одржа седница на која се заокружија активностите во периодот од претходната седница досега, како и плановите за периодот што следува. Секако дека централното место го имаше тековниот проект „Алтер трип“ и динамиката на неговата реализација. Заради доцнењето на потврдата од ресорното министерство (за локална самоуправа) практично е закочен целиот процес, но подготвителните активности за тендерите се одвиваат непречено. Се надеваме дека надлежните наскоро ќе ни дадат одговор и ќе успееме сите задачи да ги извршиме во предвидениот рок. Во однос на другите активности што беа планирани за изминативе неколку месеци, за жал, за некои од нив немаше услови да се реализираат од објективни причини. Меѓу нив е и традиционалното Дефиле на Широк сокак со работилница, како и традиционалниот излет што се одржува во септември. Но, времето е такво какво што е, а ние продолжуваме понатаму. На седницата се донесе и одлука да ја искористиме можноста за учество на тендер на друг прекуграничен проект што го спроведува болницата „Св. Стефан“ од Охрид. Станува збор за изработка на прирачник за здравствени и социјални работници, со насоки и препораки за однос и услуги на лица со попреченост. Иако се чини дека условите со пандемијата нема многу да се подобрат во зимскиот период, сепак беа донесени одлуки за одржување на традиционалните настани во овој дел од годината, како што се Денот на лицата со инвалидност и новогодишните и божиќните празници. Активностите продолжуваат.