01-04/07/2021

Злато и сребро за Оливера на Светскиот куп во Србија

Како последно загревање за годинашните Параолимписки игри во Токио, од 1 до 4 јули се одржа Светскиот куп во Нови Сад, Србија, а нашата Оливера Наковска Бикова уште еднаш покажа импресивни резултати и дома донесе злато и сребро. Имено, параолимпијката триумфираше во дисциплината П2, освојувајќи го првото место, златниот медал и Големата награда на Нови Сад за 2021 година, а во нејзината втора дисциплина спорт пиштол (25 м) се закити со сребрен медал. Наковска-Бикова уште еднаш ги презентираше своите неоспорни спортски квалитети и се издигна над меѓународната елита на учеснички на овој натпревар, повеќекратни носителки на параолимписки, светски и европски медали. Сега следи и главната битка во Токио, каде што Параолимписките игри ќе се одржуваат од 24 август до 5 септември. Ѝ посакуваме многу среќа и успех, и сигурни сме дека ќе го даде најдоброто од себе.