28/05/2022

„Мобилност Битола“ на работилница и јубилеј на „Мобилност Кочани“

На 28 мај 2022 година, во просториите на ресторанот „Аледор“ во Кочани се одржа манифестација по повод 30 години „Мобилност Кочани“, во чии рамки беше организирана и работиница на тема „Член 8 од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност – Меѓу сонот и јавето“. Со поздравен говор за присутните, манифестацијата ја отвори претседателот на „Мобилност Кочани“ – Горан Војновски. Покрај претставниците на здружените членки на „Мобилност Македонија“, меѓу присутните беше и градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, и пратеничката во Парламентот на РСМ од Кочани – Марија Ангелова. По ретроспективата за изминатите триесет години од страна на претседателот, следеше работниот дел од манифестацијата и исцрпно и стручно беше презентирана темата на работилницата, со проширени видувања и поетски интерпретации од презентерите Василчо Илиев и Биљана Тодоровска. Ова не е првпат „Мобилност Кочани“ и „Мобилност Битола“ да имаат заеднички настапи и интересни и впечатливи интерпретации на материјата што е цел на излагањето. Се надеваме дека ваквите активности ќе ги има и понатаму, со цел нашето членство да биде исцрпно и стручно известено за содржината и практичната примена на овие значајни документи, кои и после повеќе од една деценија од ратификацијата заедно со опциониот протокол, не успеаја да го изодат трнливиот пат на примената во реалноста. Активностите продолжуваат.