27/06/2022

Креирање модел на локална инклузивна средина во Битола

На 27 јуни 2022 година, во Општина Битола се одржа јавна дебата со наслов „Креирање модел на локална инклузивна заедница“, која е во рамките на проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“. Целта на настанот беше да се промовираат досегашните резултати во рамки на проектот, но и да се продискутира за моменталната состојба, потребите и тековните предизвици во насока на градење инклузивна локална средина. Во присуство на претставници од локалната самоуправа, основните и средни училишта во градот, граѓански организации и организации на лица со попреченост, училиште со ресурцен центар, центар за поддршка, родители и дневни центри се водеше дискусија од која произлегоа конструктивни препораки и потреби. Меѓу позначајните препораки кои произлегоа од оваа средба се: зајакнување на соработката на локално ниво и користење на постоечките ресурси во надминување на предизвиците и бариерите за учество на сите ученици во процесот на образование и социјален живот; јакнење на професионалните компетенции на наставниците, воспитувачите, професорите од средните училишта и универзитетските професори во насока на креирање инклузивна клима во образовните институции; Надминување на архитектонски и бариери за учење преку подобрување на пристапноста и обезбедување асистивна технологија и дидактички материјали; користење на постоечките услуги и ресурси кои ги нудат училиштето со ресурсен центар и центарот на поддршка во поддршка на училиштата и други. Како претставнички на „Мобилност Битола“, на дебатата присуствуваа и активно учествуваа нашите членки Фанче Георгиевска и Лидија Велјановска. Проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“ го спроведува Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ од Скопје со поддршка од Детската Фондација Песталоци. На ниво на општина Битола, во проектот вклучени се основните училишта „Елпида Караманди“ и „Коле Канински“, како и училиштето со ресурсен центар „Кочо Рацин“.