06/09/2022

„Мобилност Битола“ на концерт на групата „Меморија“ во Битола

Со концерт на групата „Меморија“ беше означен крајот на годинашното битолско културно лето „Бит-фест 2022“, а вредниот тим на „Мобилност Битола“ во соработка со „Мобилност Скопје“ и еден од членовите на култниот рок-бенд – Перо Ѓеоргиевски Камиказа, обезбеди 50 влезници за нашите членови, кои можеа од првиот ред да уживаат во музичкиот спектакл. Првично закажан за 31 август, заради временските услови настанот се одржа на 3 септември во ракометното игралиште во Битола, со почеток од 19.30 часот. Членовите на „Мобилност Битола“ имаа предност да влезат и да се сместат први, точно пред бината каде што свиреше бендот. Иако со минимиални пропусти, организацијата беше солидна, а нашите членови се забавуваа со безвременските хитови како што се „Македонија“, „Оган под ѕвездите“, „Нена“, „Со високи штикли и црни чорапи“ и многу други. Оваа заедничка иницијатива е за поздрав и се надеваме дека организаторите на сите културни настани ќе го следат овој пример и ќе се потрудат да ги направат сите вакви настани пристапни за секого. Активностите продолжуваат.