14/10/2022

Нова опрема и реновирана спортска сала во ЦСР – Битола

На 14 октомври 2022, во Центарот за социјална работа – Битола официјално беше пуштена во употреба реновираната спортска сала, каде што лицата со попречености ќе имаат можност да ја зголемат физичката активност. Оваа донација во опрема во вредност од 111.847 денари, е обезбедена во рамките на проектот „Зајакнување на локалните капацитети за спроведување на Агенда 2030 и принципот Никој да не биде изоставен“ во партнерство со ЗЕЛС. Проектот е имплементиран од НАЛАС - Mрежа на националните асоцијации на локалните власти во Југоисточна Европа и ЗЕЛС, во соработка со GIZ, а во име на Германското Федерално Министерство за економска соработка и развој (BMZ). Во рамките на проектот, општината претходно спроведе повеќе активности, а со оваа донација која се дава на Здружението Сојуз за спорт и рекреација на инвалиди Битола во кое членуваат лица со различна попреченост, се овозможува поддршка на лицата со телесна, визуелна попреченост и потешкотии со слух и говор од аспект на обезбедување на услови за поттикнување и зголемување на нивната физичка и спортска активност, преку обезбедување соодветна опрема за тоа. „Покрај оваа донација, со средства од oпштината од програмата за млади и спорт за 2021 се направи реновирање на Спортската сала (бојадисување, стружење и лакирање на паркетот), со што во оваа сала значително се подобрени условите за лицата со попреченост“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, и нагласи дека општината продолжува да иницира и поддржува различни активности кои придонесуваат за подобрување на условите за лицата кои се соочуваат со одредена попреченост. Меѓу здруженијата кои ќе го користат овој простор е и „Мобилност Битола“, чии членови и претставници присуствуваа на настанот. „Голема благодарност да изразам на општината за огромната соработка што ја имаме долги години и се надевам дека и понатаму ќе продолжиме да соработуваме“, рече нашата членка и параолимпијка Оливера Наковска Бикова. „За лицата со телесна инвалидност е еден многу важен сегмент во севкупното живеење да имаме, и среќа е што ја имаме, една ваква сала која ќе има и вакви реквизити. Ние и досега имавме доста вакви реквизити, меѓутоа тие беа малку оставени на забот на времето. Сега се надеваме дека оваа сала максимално ќе може да се искористи, не само за лицата со телесна инвалидност, туку и за лицата со други попречености“, додаде претседателот прим. д-р Нико Јанков. Очекуваме бројот на наши членови што ќе ја користат реновираната сала и новата опрема да станува се поголем, а благодатите од физичката активност и дружењето ќе бидат повеќекратни. Активностите продолжуваат.

Фотографии: Општина Битола / видео: ТВ Тера: YOUTUBE.