29/10/2022

„Мобилност Битола“ на „Тортијада 2022“ во Струмица

„Мобилност Битола“ традиционално и годинава учествуваше на 23. издание на манифестацијата „Тортијада 2022“ која се одржа на 29 октомври 2022 година во хотелот „Вила Парк“ во Струмица, во организација на „Мобилност Струмица“, а под покровителство на „Мобилност Македонија“. Меѓу присутните беше и градоначалникот на Струмица, г-дин Костадин Костадинов, членовите на Советот на Општина Струмица и заменик-амбасадорот на Италија, како и гости од Перник, соседна Бугарија. Водител на манифестацијата беше Ѓорѓи Калајџиев. Вештите раце на членовите од вкупно 10 здруженија подготвија вкусни ремек-дела, и беше навистина тешко да се одберат најдобрите три, но жирито одлучи третото место да им припадне на домаќините „Мобилност Струмица“, второто место на „Мобилност Велес“ и првото место на „Мобилност Гевгелија“ за нивната „Калинка“. Како претставнички на „Мобилност Битола“ учествуваа нашите членки Лидија Велјановска и Елизабета Узуновска, чие ремек-дело насловено „Да ги споиме разликите на Широк сокак“ не освои награда, но привлече огромно внимание и од присутните и од медиумите кои го следеа настанот, особено заради важната порака што ја пренесе. Оваа традиционална манифестација започна пред точно 25 години, а да не беше пандемијата, годинава ќе прославеше јубилеј, но добро е што таа продолжува и се надеваме дека со секое следно издание ќе се зголемува и бројот на учесници. Целиот настан исполнет со песна и игра беше проследен од Радио Струмица Нет, емитувајќи во живо на својата страница на Фејсбук (видео: https://www.facebook.com/RadioStrumicaNet/videos/496683525713378 ). И на организаторите и на учесниците им честитаме за одличната манифестација и им посакуваме уште многу успеси во иднина. Активностите продолжуваат.