11/11/2022

„Мобилност Битола“ на натпревар во табла

На 11 ноември 2022 година, во ресторанот „Електра“ во тетовска Брвеница се одржа 12. Републички натпревар во табла, во организација на „Мобилност Тетово и Гостивар“ и со поддршка од „Мобилност Македонија“. Меѓу учесниците имаше членови од повеќе здружени членки на „Мобилност Македонија“, кои дојдоа од 14 градови ширум државата. Како претставник на „Мобилност Битола“ традиционално учествуваше нашиот член од Ресен, Сотир Чаушевски, кој и овој пат постигна забележителен успех и го освои третото место. Првото место му припадна на Блаже Христоски од „Мобилност Прилеп“, а второто на Никола Пеев од „Мобилност Гевгелија“. На настанот присуствуваше и градоначалникот на Тетово, Билал Касами, кој изрази поддршка за здружението и најави дека општината има во план да ја подобри инфраструктурата и пристапноста во градот. Атмосферата беше збогатена и со музички дел, а победниците заминаа дома со пехар за првонаградениот, табла за второнаградениот и кило ракија за третонаградениот. На организаторите и учесниците им честитаме за успешно организираниот натпревар и им посакуваме уште поголеми успеси со уште повеќе натпреварувачи во следните изданија. Активностите продолжуваат.