11/12/2023

Претстава - АТО - Битола

По повеќемесечни истражувања и подготовки, Центарот за современа култура и уметност АТО од Битола, на 11 декември 2023 година во Центарот за култура во Битола премиерно ја одигра новата документарна претстава со наслов „8%?“. Членови од „Мобилност Битола“ присуствуваа на премиерата, откако претходно беа дел и од истражувачката фаза, каде што ги споделија своите искуства. „’Велат дека сме 8 % ,можеби сме толку, а може и да не сме, можеби сме и нешто повеќе, ние мислиме дека сме повеќе, но статистиката не вели така...’, го превзедов ова од Даринка Веслиевска со која бев на претставата“, започнува да ги раскажува своите впечатоци нашиот член Сотир Чаушевски од Ресен, страствен љубител на театарот, кој и самиот има долгогодишно искуство со режија. Пред два три дена ја имавме таа чест заедно со Даринка Веслиевска, претседател на ЖАР Преспа - Ресен, да ја гледаме оваа претстава, да слушнеме колку луѓе од нашето место, нашата средина, општество, нашата држава се дискриминирани, без лекови, без права и без пристап, ограничени, затворени без слобода на движење, со еден збор немаат живот како што би сакале и живот каков што би можеле да живеат. Боли заклучокот: системот е виновен, а системот сме сите ние, системот сум и ЈАС! Оваа претстава треба да се проследи пред голема публика и да допре до сечија свест и совест, па да поместуваме секој по едно камче на почеток за да изградиме ѕид на солидарност и емпатија, да помогнеме колку можеме! Лице сум со попреченост и тешко ја примив претставата. Тешко, затоа што режисерот, драматургот, актерите ја кажаа целата вистина за лицата со некаква попреченост, не, со секаква попреченост. Боли вистината, боли и тоа многу а, не можеш како единка ништо да поправиш. Што да кажам: Радосен сум што ете некој ја поткрена болката, барем да се слушне. Драматуршки, режисерски, актерски приказ до перфекција. Браво за сите. Публиката е мојата надеж дека нешто ќе се менува. Публиката која во текот на целата претстава беше толку мирна, а вознемирена од сѐ што се прикажуваше. И се надевам дека ќе стане и побара да се поправат условите, начинот и многу други работи. Јас можеби нема да видам, но знам дека мора и треба нешто да се менува... Претставата "8%?" е работена според истражување и интервјуирање на лица од различни градови во државата кои биле изложени на дискриминација, семејно насилство и системски неправди. Мило ми е што бев и јас дел од тоа истражување. Можеби со нешто сум помогнал. После неколку месеци истражувачка фаза на која работеа режисерот и ко-авторот во соработка со актерите и интервјуираните лица, во претставата се раскажуваат различни непријатни вистини кои се сензитивни за македонскиот народ како и за системот. Вистини кои лицата се плашат да ги кажат на глас. Вистини кои друштвото не ги препознава или најстрашно - ги одбегнува. Заклучокот од истражувањето и пораката на АТО Центар заедно со театарскиот тим до јавноста е дека: „Системот сме ние, и ние го градиме системот! ОДГОВОРНИ СМЕ СИТЕ!" „8%?“ е поддржана од Германската агенција за меѓународна соработка - ГИЗ Северна Македонија. Автор и режисер на претставата е Јован Ристовски, ко-авторка е Весна Куслеска, костимограф Марта Дојчиновска и драматург Билјана Крајчевска. Улогите ги играат Марија Стефановска, Наталија Ристеска, Соња Михајлова, Никола Пројчевски и Петар Горко. Во битолските изведби, учествуваа и нашата членка Биљана Тодоровска, Весна Софронијевска од Здружението на слепи лица од Битола и Ивана Атанасоска од Здружението за цистична фиброза. По премиерните изведби во Битола, на почетокот на 2024 година ќе гостува и во повеќе градови низ државата. Сотир Чаушевски Фотографии: АТО Битола