22/03/2023

„Мобилност Битола“ со проектот „Алтер Трип“ на саем за туризам во Барселона

Од 22 до 26 март 2023 година, во рамките на проектот „Алтер трип“ беше успешно реализирано учество и претставување на „Мобилност Битола“ на меѓународниот саем за туризам „Б-травел“ во Барселона, Шпанија. Заедно со претставниците на нашите грчки партнери во проектот, беше реализирана и посета на Италијанската трговска комора во Барселона, каде што беше претставен проектот и нашите институции/организации, а ние како претставници на „Мобилност Битола“, достојно ги претставивме и „Мобилност Македонија“ и нашата држава, споделивме досегашни искуства и остваривме контакти за потенцијална соработка и споделување добри практики од нашите земји.

На саемот за туризам, нашиот штанд беше посетен од бројни посетители од целиот свет. Дел од нив веќе го посетиле овој регион, а дел допрва планираат да дојдат, па бараа информации за туристички понуди од двете земји. Остварени беа и контакти со разни туристички организации со кои ги поврзавме и нашите туристички чинители, што има потенцијал дополнително да го зголеми бројот на туристи во земјава и на Балканот воопшто. Несомнено е дека заедничкиот настап со нашите грчки партнери ни донесува позитивни сознанија кај околината и олеснета комуникација во тековите и интеграцијата во Европската Унија. Овие искуства и контакти се непроценливи за нашето сѐ поуспешно етаблирање на меѓународниот простор како респектибилен партнер и одговорен изведувач на настани и програми.