31/03/2023

Алтернативно патување во пракса – осврт

Живееме во време кога светот е поврзан како никогаш досега. Благодарение на модерната технологија, средствата за комуникација и информирање практично ги носиме в џеб, достапни во секое време. Во секое време можеме и да испланираме патување – приватно или службено – преку бројните платформи за пребарување и резервации или преку туристички агенции, кои исто ги имаме во голем број. Во зависност од расположливиот буџет, можеме и да се одвеземе или да одлетаме до посакуваната дестинација. Иако туристичките атракции и угостителскиот сектор често знаат да кажат дека вратите им се отворени за сите, барем во нашиот регион, се покажа дека не ни знаат дека за еден значаен дел од туристите имаат „забранет влез“. Се проценува дека 15% од глобалното население живее со некаква попреченост, во кои можеби најмногу се вбројуваат граѓаните со физичка попреченост или намалена подвижност и нивните семејства. Уште од почеток се предочува фактот дека најчесто се патува со придружба или во група, што за туристичкиот сектор веднаш значи повеќе туристи и, секако, поголем профит. Вака проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“, кој Здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен – МОБИЛНОСТ Битола го имплементира во рамките на ИПА Интеррег Програмата за прекугранична соработка со Грција, сака да ги мотивира туристичките чинители да обрнат поголемо внимание на пристапноста. Бидејќи, и покрај тоа што законот не (доволно) ги обврзува, адаптирањето и примената на универзален дизајн ќе им биде исплатлива инвестиција.

Освен изработката на ИКТ алатките за пристапен туризам, со овој проект, партнерите од двете страни на границата и нивните експерти ги обучуваат туристичките чинители со знаење и насоки како и зошто да ја подобрат пристапноста во своите бизниси/институции. А согласно меѓународното мото на лицата со попреченост – Ништо за нас, без нас – МОБИЛНОСТ Битола континуирано докажува зошто е важен партнер во овој проект. Тоа особено се покажа во првата обука во Солун, во организација на водечкиот партнер во проектот – Институтот за истражување и равој на изложби и бизниси ИЕЕ од Солун. Согласно планот за работа, ние учествувавме со 20 учесници, од кои најголемиот дел претставници на релевантни туристички бизниси и институции, како и претставници на самото здружение, а за целокупната организација се погрижи туристичката агенција МИГ Травел од Битола. Секако, заедно со мене, како менаџерка на проектот, и особено со д-р Ирена Ружин од НУ Музеј – Битола, експерт за пристапност која ја изработи теренската студија во нашиот проект. А зошто овој проект беше и тоа како потребен, се докажа на самиот почеток на организацијата, со прашањата: дали имаме пристапен превоз, дали ќе најдеме пристапно сместување и дали е пристапна самата локација каде што се одржува обуката?

Нашиот организатор МИГ Травел има пристапни автобуси, но тие се за градски и меѓуградски превоз, додека возниот парк за меѓународен превоз им се состои од претежно непристапни, стандардни автобуси и комбиња. Сепак, тоа беше првата и единствена забелешка во инаку беспрекорната организација на агенцијата, која поучена од ова искуство веќе размислува за начини како да ги адаптира своите услуги да бидат пристапни за сите. Преминуваме на сместувањето. Речиси сите сместувачки капацитети ги нудат своите услуги на разни платформи за резервирање, каде што резултатите се филтрираат според посакуваните параметри, меѓу кои и пристапноста. Веднаш се забележува дека изборот вака значително се намалува. Но, дури и кај оние што тврдат дека се пристапни, во приватна кореспонденција велат – не, не ги исполнуваме сите услови. Благодарение токму на мапирањето во нашиот проект и на грчките колеги кои беа подготвени да помогнат и да потврдат дали одреден хотел е навистина пристапен, конечно најдовме два хотели. Два, бидејќи ниту еден немаше повеќе од една (барем во моментот слободна) пристапна соба. А во нашата делегација имавме две членки на МОБИЛНОСТ Битола – Фанче и Симона. Симона првично како претставничка на исто толку важната Општина Битола, која патуваше со приватно, соодветно адаптирано возило.

Љубезниот персонал во двата хотели ги надмина нашите очекувања, па дури и на малите забелешки и пропусти во однос на пристапноста реагираше со благодарност и побара насоки како да ги подобрат и решат недостатоците. Тоа претежно се однесуваше на тесните туш кабини и отсуството на ракофати и столчиња во истите, кои се мал, но важен детал и исто толку потребни како веќе пристапните влезови и лифт со соодветни димензии и параметри. Сепак, секој угостителски објект е должен да се грижи и за безбедноста на своите гости, а овие детали и тоа како можат да бидат опасни по здравјето на тие што претстојуваат таму. Следната задача ни беше да најдеме и пристапна локација за вечера. Тука исто така од помош ни беа податоците прибрани од нашите грчки партнери за платформата што се подготвува во проектот, каде што ќе бидат мапирани сите пристапни угостителски објекти и туристички атракции во прекуграничниот регион, како и степенот на пристапност – физичка и информативна (брајово писмо и знаковен јазик). Задоволството да се биде заедно и никој да не биде оставен настрана беше очигледно кај сите учесници, кои во пракса видоа колку навидум незабележливи детали за некого се огромни и непремостливи бариери. Бидејќи, во самиот тек на нашиот проект, а и во текот на 3 и пол децениското делување на здружението, се покажа дека најголемата пречка за пристапноста е недоволната информираност, а и недоволната мотивација за преземање на какви било мерки.

На самата обука во солунскиот саем „Хелекспо“, најголем акцент беше ставен токму на нашите членки Фанче и Симона, кои ги споделија сопствените искуства од патувања и учества на разни настани. Впрочем, како што и јас самата кажав во воведот на обуката, тие ја дадоа човечката димензија која никако не треба да се заборави. Затоа што, зад сите тие статистики, бројки и проценти стојат луѓе. Луѓе со кои ги имаме истите желби и потреби – да се поврземе, да споделуваме и да припаѓаме. А со заеднички сили, ќе ги надминеме сите пречки и ќе добиеме многу повеќе отколку што сме помислувале.

Со оваа прва обука, а и следните две што ќе ги организираме останатите два партнери (уште една во Солун и една во Битола), како и со претстојните инфо-денови во Ресен и во Прилеп, мислам дека туристичките чинители веќе се стекнаа со повеќе информации, но и дека ги мотивиравме да вложат во пристапноста во нивните дејности, затоа што дури и минималната интервенција ќе им биде исплатлива инвестиција. Со поголема пристапност, угостителите ќе имаат повеќе гости, туристичките агенции ќе имаат повеќе работа, туристичките водичи ќе имаат повеќе муштерии, а нашето природно и културно наследство ќе можеме да го споделуваме со уште повеќе гости од целиот свет. Воедно, тие ќе бидат и пример за останатите дејности и бизниси, бидејќи сите ние сме дел од истиот синџир, од истото оро, а орото не се игра без подадена рака.

Заедно можеме повеќе, и тоа е најголемата поука од ова алтернативно патување. Затоа, би сакала да се заблагодарам на сите учесници, на организаторите, на партнерите и пријателите од Грција. На Влатко и Јоце од МИГ Травел за беспрекорната организација, на Ирена за безрезервната помош при организацијата, на нашиот експерт Јове и туристичкиот водич Билјана, Сашо од ТА „Палас“, Весна од хотел „Капри“, Наташа од ТА „Ариес“, Николче од хотел „Молика“, Костадин од ЕСМ „Молика“, Виктор од хотел „Премиер“, Ангела од „Инфо турс“- Прилеп, Елена од хотел „Треф“, Дарко од хотел „Епинал“, Сашо и Жанета од „Битола њуз“, Дејан и Симона од Општина Битола, Фанче и Нико од МОБИЛНОСТ Битола... За повеќето од нив, првата лекција е научена – и во теорија и во пракса, а дел информираа дека реновациите им се во тек или ќе започнат наскоро. Контактите се веќе воспоставени, МОБИЛНОСТ Битола стои на располагање за понатамошни консултации и информации, па останува да видиме како сите заедно ќе го „положиме испитот“.

Проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно паување“ – или накратко АЛТЕР ТРИП – се имплементира во рамките на ИПА Интеррег Програмата за прекуграничка соработка „Грција – Република Северна Македонија 2014-2020“ и е кофинансиран од Европската Унија и Националните фондови на земјите учеснички. Повеќе информаци прочитајте на официјалната веб-страна на проектот www.altertrip.eu.