01/11/2011
Во текот на месец Ноември се предвидува да завршат активностите околу преселувањето во новиот простор во Ресен. Канцеларијата е потполно адаптирана и реновирана. После направените интервенции има нов довод и одвод, ставени се венецијанери на долните стаклени површини. Уште треба да се постави нов мерач за струја. Истото е договорено со ЕВН во централата во Охрид.
Деновиве беше потпишан договор за донација од ЕЛЕМ (Електрани на Македонија) во вредност од 44 000 денари. Истите ќе бидат наменски потрошени за два програмски излети кои ќе се одржат во текот на идната година. После апликацијата на повикот на ЕЛЕМ бевме во малобројните избрани кои ќе користат донација. Нашата апликација се состоеше од два дела и тоа: посета на електраните од сливот на Црни Дрим (Глобочица, Шпиље) заклучно со електраната во Маврово. Ќе биде еднодневна екскурзија, која покрај превозот обезбедува и ланч-пакет за сите присутни (еден голем автобус). Со вториот дел од донацијата е планиран излет во Крушево со посета на меморијалниот комплекс на Тоше Проески и посета на манастирскиот комплекс. И тука покрај превозот е обезбеден ланч-пакет. За сите средства кои ќе бидат донирани, здружението е задолжено да даде отчет кај донаторот. Во оваа прилика му се заблагодаруваме на ЕЛЕМ на чело со директорот Влатко Чинговски.
Во текот на месец Декември предвидени се активности заедно со заедницата на инвалидски организации на 03.12.2011 година, Меѓународниот ден на лицата со инвалидност. Се планира заедно со Сојузот на слепите, Сојузот на глувите, Сојуз за спорт и рекреација на инвалиди, трудовите инвалиди и другите социјално - хуманитарни организации, да се организира заедничка манифестација за одбележување на Денот на лицата со инвалидност. На истата се очекува да присуствуваат, покрај пишаните елетронски медиуми, и градоначалникот на Битола, господинот Владимир Талески и претседавачот на Советот на Општина Битола, проф. Д-р Силвана Ангелевска.
На 04.12 ќе се одбележува Денот на телесната инвалидност на Република Македонија, централната прослава ќе се одржи во Охрид. На неа се очекува да присуствува делегација од МОБИЛНОСТ БИТОЛА.
На 27.12.2011 година ќе се одржи новогодишна забава во просториите на ресторанот „БЕ-НИ Фонтана“ со почеток во 19 часот. На истата ќе настапи КУД Феникс од Битола со гости од здружението МОБИЛНОСТ ПРИЛЕП.
На 10.01.2012 година ќе се одржи прослава за Стара Нова Година во просториите на „БЕ-НИ Фонтана“ во сопствена режија на членовите од МОБИЛНОСТ БИТОЛА.