На 30.06.2012 година се организираше вториот дел од проектот поддржан од ЕЛЕМ. Истиот опфаќаше организиран излет во Крушево со посета на спомен куќата на Тоше Проески, неговиот гроб, манастирскиот комплекс „Св. Преображение“ и крстот на планината над комплексот. Со убаво и ведро време, педесет и два члена од МОБИЛНОСТ Битола, од кои по 8 од Демир Хисар и Ресен, со автобус на „Боби турс“ го започнаа овој возбудлив настан.
Тргнувањето беше во 8 часот од пред просториите на здружението (ЦСР) каде што беа пречекни и членовите од Ресен кои дојдоа организирано со комбе. Патем низ Демир Хисар се придружија и другите членови. Околу 10 часот се пристигна во Крушево и се тргна кон спомен куќата. Организаторот на излетот беше пријатно изненаден од управата која за сите членови организираше бесплатно разгледување. Тука членовите детално се запознаа со животот и делото на нашиот Тоше Проески и видоа голем дел од неговите лични предмети изложени таму. После мал одмор и ужина со подготвените сендвичи и пијалаци под сенките на дрвјата, се тргна кон манастирот „Св. Преображение“. По разгледувањето и палењето на свеќи во манастирот, се упатија кон крстот кој се наоѓа на висина од 1600 метри надморска височина. Архитектонските бариери не ги спречија нашите членови да бидат присутни на сите места и овој излет да го претворат во едно возбудливо доживување кое долго време ќе се памети.
Изразуваме благодарност на ЕЛЕМ кои преку овој проект ни овозможија вакви пријатни мигови и запознавање на нашата татковина. Се надеваме дека ваквата соработка ќе продолжи и понатаму.