11/09/2012

Добре ни дојде Оливера!

Со овие зборови Битола и битолчани ја пречекаа носителката на златниот олимписки медал и на нов светски рекорд на параолимписките игри во Лондон годинава, Оливера Наковска-Бикова, која се запиша во листата на бесмртните и познати битолчани. Отвори нови патеки на нови надежи кои како да го чекаа овој светол зрак од олимписките височини. Макотрпната работа, многуте непроспани ноќи, големата решителност и непоправливата желба и волја ја доведоа на пиедесталот на победниците и најдобрите. На аеродромот „Александар Велики“ беше пречекана од сограѓаните на чело со градоначалникот на Општина Битола, м-р Владимир Талески и три министри од Владата на Република Македонија токму на денот кога нашата држава славеше 21 година независност, на празникот 8ми Септември. Величенствениот пречек продолжи во центарот на Скопје, а потоа и на празничната прослава во арената „Филип Втори“ каде што публиката ја забавуваа ѕвезди од македонската естрада предводени од Гаро и браќата Тавитјан и познати музички имиња од целиот Балкан.
                Во Битола, пречекот започна со прием кај градоначалникот на Битола, м-р Владимир Талески, каде што присуствуваше комплетниот параолимписки тим – Бранимир, Ванчо, Драган и Оливера, а од Битола Нико, Васко и секако Златко. Час и половина ги запознававме медиумите со сите фази на овие величествени настани. Градоначалникот во свое и во име на локалната самоуправа им го честиташе успехот на целиот тим, им посака уште повеќе успех понатаму и сите присутни ги почести со пригодни подароци. На славеничката и’ подари слика од Св. Нектариј Битолски и грбот на Општина Битола. Медиумите кои ги имаше во голем број, беа задоволни од дадените интервјуа. Во своето излагање, градоначалникот уште еднаш го искажа континуитетот  на поддршка на програмските цели на Мобилност Битола и обелодени дека Општината ќе изгради стрелиште според сите параметри кои треба да ги има едно олимписко стрелиште. Во продолжение нагласи дека вечерта Општината организира официјален пречек со уметничка програма, односно гостување на музички имиња од градот (Ламбе Алабаковски, Паркети и Памперси).
                Во 20 часот на плоштадот Магнолија започна прославата која беше проследена од медиуми од целата држава. Околу стотина членови на Мобилност Битола и уште поголем број на граѓани беа присутни држејќи знамиња со македонското сонце и со грбот на Општина Битола. По настапот на Ламбе, кратко обраќање имаше од градоначалникот, Оливера, претседателот на Мобилност Битола и претседателот на Спорт и Рекреација на инвалиди. Потоа следеше забавниот дел со песните на Паркети и Памперси кои продолжија да ја забавуваат публиката.