09/11/2013

МОБИЛНОСТ Битола на квизот, музичките средби и тортијадата во Струмица

Како и во претходните години, така и годинава нашето здружение учествуваше на овие здружени манифестации во организација на Мобилност Македонија и Мобилност Струмица. Во подготовки и активности прв започна квизот, чие финале заврши попладнето на 9-ти ноември. Веќе во првиот ден се издвоија екипите од Охрид и Радовиш, така што во финалето екипата на Радовиш стана лауреат. Истовремено течеа подготовките и за првата генерална проба на музичките средби. И покрај солидните знаења, Васко, Билјана и Дафо на квизот мораа да се задоволат со место во средината, односно полуфинале. Кај тортите, кои се финализираа попладнето на 9-ти ноември, Наташа и Лидија направија импресивно дело. За жал, комисијата имаше поинакво мислење.
                Во испреплетените настани со торти, музика и квиз, со гости од Србија и Бугарија, многубројни гости и помагатели на чело со градоначалникот на Струмица, г-динот Зоран Заев, штитениците од заводот „Банско“, се собра импресивна бројка од околу 450 лица. Како што натпреварувањето во квизот и тортите беше во својот ек, се подготвуваа и музичарите за своите настапи. Водителот Ѓорѓи Калајџиев ги претстави сите 17 здруженија и гостите од Србија, кои учествуваа на традиционалната 16-та Тортијада. Сите торти за нас беа убави и добри, но победи тортата на Струмица.
                Натпреварувачкиот дел од музичките средби, во кој битолската екипа учествуваше со два музичари - Соте и Диме, и еден изведувач - Томче, беше поделен во два дела, а во средината и после вториот дел имаше ревијален настап на гостите од Бугарија, Румен Крчмов и Иван Караиванов, кој уште го викаат и Том Џонс. Тие заедно со Јордан, претседателот на хуманитарното здружение „Сила за живот“ од Бугарија, беа во делегацијата од Бугарија. Нашите учесници имаа забележителен успех. Комисијата ги награди претставниците од Радовиш, Кавадарци и Прилеп. Куриозитет е тоа што учесникот од Радовиш по трет пат го освојува првото место. Во текот на настаните, претставниците на Мобилност Македонија на чело со претседателот Бранимир Јовановски со претставниците на фондацијата „Сила за живот“, на чело со претседателот Јордан и делегацијата од Србија, на чело со г-ѓата Славица Зориќ разговараа и преговараа за унапредување и продлабочување на веќе добрата соработка и подигање на манифестацијата на повисоко ниво со нови организациони и други содржини. За истото се доби целосна поддршка од локалната самоуправа на Струмица на чело со градоначалникот Зоран Заев. Тој искажа свое видување дека посебно ги цени усилбите на Мобилност Струмица и Мобилност Македонија и дека ова е девеетта година во која тој ги поддржува овие манифестации. Меѓу другото, тој искажа подготвеност покрај традиционалната поддршка за Тортијадата, максимално да ги поддржува и другите манифестации на Мобилност Македонија. По завршувањето на официјалниот дел и доделувањето на признанија и плакети, особено на гостите, сите членови од здруженијата на Мобилност Македонија продолжија со дружење до раните утрински часови.
                Уште еднаш им се заблагодаруваме на персоналот на хотел „Цар Самоил“ за нивната љубезност и подготвеност да нè поддржува во нашите активности. Оваа нивна љубезност е во континуитет од повеќе од 20 години. Активностите на членовите на Мобилност Битола продолжуваат и понатаму.