29/11/2013
На 29-ти ноември 2013 година во хотел „Капри“ во Битола беше организирано и успешно изведено едукативно предавање на тема „Церебрална парализа – можности за лекување“ од доц. д-р Зоран Божиновски од отропедската клиника во Скопје. Повод за овој настан беше наближувањето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност кој се одбележува на 3-ти декември, како и Денот на лицата со телесен инвалидитет на 4-ти декември и Денот на Мобилност Битола на 12-ти декември.
Ова е континуитет на соработката на Мобилност Битола со центарот за ортотика и протетика „Славеј“ А.Д. – Скопје. Битолското здружение има богато искуство во организирање на вакви настани и подготовка на учесниците со плакат и леток со кој се канализираат и дополнуваат идеите на учесниците во настанот. Ваквите настани вообичаено се медиумиски покриени од страна на битолските телевизии Тера и Орбис, кои ја информираат јавноста со подолги репортажи еден час по завршувањето на настанот или како ударна вест.
Пред почетокот на предавањето имаше воведен говор од директорот на „Славеј“ А.Д. – Скопје, г-дин Горан Чаловски, како и претседателот на Мобилност Битола – прим. д-р Нико Јанков. Г-дин Чаловски наведе дека компанијата планира повеќе предавања во Битола, а ја промовираше и одлуката месец декември да биде месец без партиципација. Потоа гостинот од Скопје, доц. д-р Зоран Божиновски одржа прекрасно прилагодено предавање за церебралната парализа и сегашниот момент во решавањето на оваа проблематика. Присутниот аудиториум составен од членови на Мобилност Битола, од огранокот церебрална парализа, нивните родители и повозрасни членови, доктори ортопеди и физијатри, како и физиотерапевти.
Со аудиовизуелната презентација д-р Божиновски успеа да долови процеси во животот на лицата со церебрална парализа и предуизвиците кои ги очекуваат. Се разбира дека очекувано беше дискусијата да се развива во наскока кон очекуваните цели и заклучоци кои ќе бидат дел од агендата на националната стратегија на лицата со инвалидност изготвена од НКТ при Владата на Република Македонија.
Дискусиите и предлог мерките се движеа во насока на максимална соработка на корисниците и вршителите на услуги (здравствените работници и центрите за ортотика и протетика) за законски олеснувања, зголемен квалитет и скратување рокови со перманентно запознавање на институциите на државата со проблемите во континуитет со што би се подигал и капацитетот на инвалидските организации. Во оваа пригода, сите присутни беа збогатени со едно искуство кое ќе може да се примени понатаму. Поради истото ја поздравуваме оваа реализирана замисла на „Славеј“, кој со ангажирање на врвни експерти ќе помогне во остварувањето на целите.
Од стручниот дел е вредно да се спомне дека ортопедите и физијатрите ја поддржаа идејата за воведување на унифицирани протоколи на државно ниво, така што третманот и размената на искуства и постигнати резултати би се подигнале на повисок степен. Претседателот на „Славеј“ – г-дин Чаловски, претседателот на Мобилност Битола – прим. д-р Нико Јанков и гостинот предавач доц. д-р Зоран Божиновски во врска со настанот дадоа поединечни изјави за медиумите. За крај ни останува да им се заблагодариме на сите учесници во настанот и успешната реализација, на центарот за ортотика и протетика „Славеј“ да ја продолжи мисијата во остварувањето на целите кои си ги зацртале, како и на гостинот д-р Божиновски, кој сметаме дека наскоро повторно ќе ни гостува во Битола.