22/05/2013

Меѓународна конференција

„Искуствата од имплементацијата на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со инвалидност“

                На 22.05.2013 година во хотелот „Континентал“ во Скопје се одржа меѓународна конференција на тема „Искуствата од имплементацијата на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со инвалидност“ во организација на Националното Координативно Тело за еднакви права на лицата со инвалидност во Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика при Владата на РМ. На истата учествуваа повеќе меѓународни експерти на чело со д-р Дамјан Татиќ од Србија - потпретседател на Комитетот на Обединетите Нации за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, г-дин Цвето Уршиќ од Министерство за труд и социјална политика на Словенија, г-ѓа Надија Харизанова од Министерството за труд и социјална политика на Бугарија, г-ѓа Јелена Котевиќ од Министерството за труд и социјална политика на Србија и г-ѓа Слободанка Лазова-Здравковска од Министерството за труд и социјална политика на Македонија. Не беа присутни претставници од Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Косово.
Конференцијата ја отвори и успешно ја водеше претседателот на НКТ, г-дин Бранимир Јовановски, а во името на министерот Спиро Ристовски ја поздрави г-дин Муедин Кахвеџи, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика.
Првото предавање беше од страна на д-р Дамјан Татиќ, кој зборуваше за досегашните искуства и напредокот во имплементацијата. Првичните извештаи ќе се разгледуваат дури во 2015 година. И другите експерти го делеа мислењето дека имплентацијата ќе биде мачна и долготрајна работа  поврзана со големи финансиски средства. Првичните искуства особено во Словенија се дека доколку е време на криза државата има задачи со поголем приоритет. Правењето на акциски планови со (разумни) приоритети се идеја водилка за другите. Слични искуства имале и претставниците од Србија и Бугарија. Нашиот претставник искажа задоволство од досегашната размена на искуства и плодната соработка. Таа изрази подготвеност за понатамошни контакти и размена на мислења и практични ситуации при имплементацијата.
Претседателот Бранимир Јовановски  истакна дека ваквите средби се драгоцено искуство во градењето на капацитетите на НКТ во Македонија за полесно соочување со сите предизвици. Исто така додаде дека во националната стратегија на НКТ од 2011-2018 година практично се содржат многу работи. Сега таа стратегија ќе се оплеменува како жива материја и ќе се надополнува со сите искуства стекнати на оваа и други слични конференции. Така и на овој начин најдобро ќе се верифицира работата на НКТ и Министерството за труд и социјална политика при Владата на РМ за оваа проблематика.
Авторот е член на НКТ од неговото основање во 1999 година до денес. Делегиран од Мобилност Македонија, воедно е и член на Националното Координативно Тело за имплементација на Конвенцијата при Министерството за труд и социјална политика. Делегиран и од Националниот Совет на инвалидски организации во РМ, а е претседател на Мобилност Битола.