07/08/2013

МОБИЛНОСТ Битола на првата Балканска Колонија на Ракотворци

Во рамките на Бит Фест оваа година се одржа првата Балканска Колонија на Ракотворци во организација на Астерион Галери. Повеќе членови од МОБИЛНОСТ Битола учествуваа со свои творби, како и на организираните работилници. Највпечатливо беше учеството на ракотворецот Мирко Костовски и гостинката од Струмица, Роза Мојсовска. Со истите е реализиран и ТВ профил кој се емитуваше на националните телевизии на 05.08.2013 во попладневните часови. МОБИЛНОСТ Битола пред ТВ камерите потпиша меморандум за соработка со Астерион Галери. Притоа претседателот на Астерион Галери, дипл. граф. инж. Ромео Ацевски, кој воедно е и професионален фотограф и ракотворец и претседателот на МОБИЛНОСТ Битола, прим. д-р Нико Јанков дадоа пригодни изјави за идната соработка.
После тоа претседателот, Митко Фидановски и Фанче Георгиевска од МОБИЛНОСТ Битола остварија кратка средба со Ромео Ацевски и Дивна Грдановска – Караџовска од Астерион Галери. Начелно се договоривме за оперативна соработка со размена на информации и помош. Во самиот текст на меморандумот стои дека Астерион Галери со сите свои технички и персонални ресурси ќе стои на располагање за откривање, поттикнување и презентирање на нашите членови, не само оние од Битола, но и од МОБИЛНОСТ Македонија. Со помош на нивните кадровски и материјални ресурси и нашата добра желба за соработка, како и други капацитети, се надеваме дека ќе имаме успех особено во меѓународното етаблирање на нашите членови, но и нашата организација.