27/09/2013

МОБИЛНОСТ Битола на „Преспански Јаболкобер

Во изминатите години веќе стана традиција да се организира манифестацијата „Преспански Јаболкобер“ во Ресен, а со секоја следна година посетеноста станува сè помасовна. МОБИЛНОСТ Битола преку своите членови од Ресен активно учествуваше на оваа манифестација, а се искористи и можноста за претставување на здружението и сојузот со летоци, постери и списанието „Мобилност“, кои можеа да се најдат на штандот на нашата членка и ракотворец на бакрорези, Гордана Тирицова – Стојановска и нејзиниот сопруг Михајло Стојановски.
                Многубројните здруженија и асоцијации имаа можност да се претстават на оваа тридневна манифестацијата која е под покровителство на градоначалникот на Ресен, м-р Ѓоко Стрезоски и која беше отворена на 27-ми септември во присуство на претставници од дипломатскиот кор, а беа одржани и повеќе стручни излагања за јаболкото. Целодневните настани траат до доцните вечерни часови, придружени со музички нумери од познати состави, вокални интерпретатори и разни играорни групи.
                Во текот на нашата посета на многубројните штандови, вклучувајќи го и нашиот, остваривме контакти со претставници од други здруженија и асоцијации. Интересно е тоа што на овој начин се претставуваат и здружнија и поединци од училишта (основци, средношколци), домаќинки, организација на жени, хуманитарни здруженија и други, а беше понудена и разновидна храна и специјалитети од преспанскиот крај.
                Сè на сè, една убава традиција која од ден на ден се збогатува, дополнува и проширува со нови и квалитетни содржини. Делегацијата на МОБИЛНОСТ Битола оствари и средба со градоначалникот Стрезоски, кој изрази задоволство и подготвеност за идна соработка. Така оваа традиционална манифестација, која е во чест на почетокот на берењето на јаболката, ги исполнува сите очекувања, па се надеваме дека и во иднина ќе бидеме дел од неа.