03/10/2014

„Мобилност Битола“ на работилница на USAID во Охрид

Како активен субјект во работата на ЛЕСС Битола (Локално-економско-социјален совет), „Мобилност Битола“ со свои членови учествува во сите програмски активности, вклучувајќи ги и работилниците во организација на „Ју-ес-ејд“ (USAID ). Овој пат, работилницата која се одржа на 26 и 27 септември во хотел „Ривиера“ во Охрид, беше од регионален карактер и опфати проблематика на која учествуваа членови на ЛЕСС од Битола, Тетово, Прилеп и Гостивар. Од наша страна учествуваа Фанче Георгиевска, заменик член на ЛЕСС и член на УО и Сотир Јоновски, член на УО задолжен за проектна активност. Тие максимално го искористија своето присуство во сите сесии на работилницата, којашто се одвиваше двојазично и тоа македонски и албански јазик.
Се потврдија стратешките цели, а тоа се: подобрување на социо-економската положба на населението, создавање на услови за поврзување на пазарот на труд со образовниот, јавниот и бизнис секторот, социјално вклучување на ранливите категории и препознатливоста на ЛЕСС. Покрај основните цели, во центарот на вниманието на нашите членови беше статусот на лицата со инвалидност, кој е во завршна фаза на јавната расправа и ќе оди на собраниска процедура.
Главен акцент беше ставен на социјалното вклучување на ранливите категории во кои спаѓаат и лицата со инвалидност, а главна цел е подобрување на социјалните услови и подобрување на вештините и капацитетите на ранливите категории. Беше нагласена неопходноста од подготовка на база на податоци на лицата со инвалидност, проценка на потребите на секоја целна група и медиумско покривање (веб портал и сл.). Во подобрувањето на вештините се нагласи потребата од познавање на работа со компјутер, обука на работодавци и обучувачи, промоција на ракотворби, промотивни материјали и сл.
„Мобилност Битола“ веќе со години го негува и практикува овој принцип, а резултатите се, секако, веќе видливи. Ние и понатаму ќе продолжиме со ваквиот начин со кој го подигаме капацитетот на членството и подготвени ќе ги пречекуваме сите предизвици кои ќе надоаѓаат во иднина. Посочувајќи ги како пример, организаторот на работилницата мошне високо ја оцени работата и залагањето на нашите членови.