03/12/2014
Денеска во просториите на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје беше одржана централна прослава и тркалезна маса по повод Меѓународниот ден на лицата со инвалидност. На присутните им се обратија министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, ректорот на УКИМ, проф. д-р Велимир Стојковски и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Горан Ајдински. Модератор на манифестацијата беше Бранимир Јовановски, претседател на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во Република Македонија, како и на „Мобилност Македонија“.
По воведниот дел беа доделени награди и признанија од фондацијата „Проф. д-р Љупчо Ајдински“, а во рамките на тркалезната маса, свои презентации имаа и раководителот на Институтот за дефектологија, проф. д-р Зора Јачова, Бранимир Јовановки и Дејан Ѓоргиевски, претседател на НСИОМ.
На манифестацијата присуствуваа претседатели и претставници на националните инвалидски организации, меѓу кои и претседателот на „Мобилност Битола“ – прим. д-р Нико Јанков, претседателот на Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди од Битола - Васко Стефановски, членови на НСИОМ, професори, советници, директори на посебни училишта и специјални центри за рехабилитација и студенти, а истата беше проследена и од голем број новинари од пишаните и електронски медиуми.