25/12/2014
Како и секогаш, месец декември е резервиран за размислувања каде ќе се оди и што ќе се прави за новогодишните и божиќните празници. Секогаш некој ќе каже или гласно размислува дека веќе ништо не е како порано и тн. Веќе неколку години УО на „Мобилност Битола“ носи одлуки за учество во трошоците, а секој член главниот дел си го плаќа сам. Оваа пракса се докажа како многу успешна и од година во година бројот на членови станува сè поголем. Секако дека и членовите од Демир Хисар и Ресен не се заборавени, а кај нив се партиципира во делот на патните трошоци. Покрај членовите, секогаш ги каниме и нашите блиски соработници, кои редовно учествуваат во нашите активности.
И годинава ја одбравме проверената локација – хотел „Капри“ на влезот од Битола пред Пелистер, од страната кон Охрид. Така, на 25 декември 2014 година, во амбиент кој ги задоволува сите критериуми, почнувајќи од пристапноста, услугата и односот на персоналот, за кој изразуваме посебна благодарност, осумдесетина членови и гости уживаа во забавата и пријатните моменти кои ќе останат во долго сеќавање.
Задоволни од дружењето, гостите посакуваат да се зголемат напорите ваквите дружења да бидат што побројни. Инаку, за одличната атмосфера придонесе и музичкиот состав „Фаворити“, кој мошне професионално ги изведуваше сите музички нумери, а настапија и неколку наши членови, кои ги покажаа своите квалитети како интерпретатори. Сè на сè, едно добро и возбудливо доживување кое се задржа до доцна по полноќ. Дел од нашите членови и гостите од Скопје забавата ја продолжија на други локации со нови доживувања.