02/03/2014
На 02.03.2014 година, неколку дена по седницата на Управниот и Надзорниот Одбор, се одржа Собрание на Мобилност Битола. Следејќи ги хронолошки настаните и подготовките, самото собрание беше свечен чин на заокружување на активностите кои се случуваа во изминатата 2013 година. Општиот впечаток беше дека 2013 е максимално исполнета со настани кои ги опфаќаат сите програмски и статутарни одредби. Користени се сите форми на соработка со Сојузот и институциите на системот на државно и локално ниво.
По утврдувањето на дневниот ред и усвојувањето на записникот од претходното собрание, извештајот за работа беше разгледан и усвоен со акламација. Посебен осврт беше даден на поголемите настани како што се тематската средба за мултипла склероза, Дефилето на Широк сокак со предавање за правците на развојот при имплементација на Конвенцијата на локално ниво и соработката со локалната самоуправа која е на завидно ниво и треба да продолжи и напредува. Исто така се спомена и едукативната работилница во соработка со „Славеј“ АД Скопје, како и излетот со историскиот час во с. Смилево. За сите средби беа изработени плакати и летоци, а се користеше и изработена презентација на видео бим.
Во разгледувањето на финансискиот извештај предност имаше извештајот на Надзорниот одбор кој го потврди впечатокот дека средствата се трошени наменски и домаќински, со донесени донации кои ја олеснаа организацијата и реализацијата на многу други активности. По разгледувањето на наративниот извештај во присуство на книговодителот, финансискиот извештај со сите ставки беше прифатен со акламација. При разгледувањето на програмата и финансискиот план повторно се зазеде став дека таа е отворена и може да се надградува во сите пригоди, а во зависност од расположивите финансиски средства да се реализираат што повеќе активности.
Во точката разно повторно се дискутираше за старите бенефиции со водата кои имаат тенденција да се изгубат, како и некои бенефиции за мобилност кои ги користат другите лица со инвалидност (слепило и глувост). За ова е информирано дека раководствата на Мобилност Битола и Мобилност Македонија во повеќе наврати ургира кај државните органи, но одговорите стигнуваат бавно. Вистината е дека до сега многу пати се користат сите средства за информирање на институциите за целокупната проблематика со која е засегната оваа група на лица со инвалидност и тоа со многу компаративни примери од околината, Балканот и пошироко.
Со заклучувањето на дневниот ред, собранието го заврши својот стручен дел и членовите беа повикани на мала закуска во ресторанот „Бени Фонтана, кај Кубурот“.