22/04/2014
На 22 април 2014 година беше одржан состанок на работната група, во пресрет на работилницата која ќе се одржи на 29-ти овој месец во спортската сала во Ресен, со новини во организационата шема. Во придружните манифестации се вклучува и Домот на културата „Драги Тозија“, каде што ќе биде организирана изложба на слики, ракотворби и литературни творби на лицата со телесна инвалидност. Со активностите кои се случуваа во последните месец дена во Ресен се активираа повеќе лица со телесна инвалидност, како и здрави лица кои се потенцијални членови на „Мобилност Битола“ – огранок Ресен. Ја поздравивме добрата намера на директорот на Домот на културата од Ресен, Васко Василевски, кој изрази желба активно да учествува во манифестацијата.
На овој состанок се дефинира листата на излагачи, како и временската рамка. Исто така се разговараше за употреба на клипови меѓу излагањата и за текот на работилницата. Се разговараше за редоследот на излагачите и времетраењето на нивните излагања. Крајниот редослед е дефиниран. Работилницата ќе биде отворена со поздравниот говор на градоначалникот на Општина Ресен, м-р Ѓоко Стрезовски, а вовед во темата „И ние сме дел од вас“ ќе направи претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков. Потоа ќе следи излагањето на д-р Сања Андоновска на кое ќе се надоврзи м-р Николочо Ристевски со „Клучот е во нас“. Потоа ќе следи проф. д-р Игор Неделковски со „Информатичката технологија кај лицата со инвалидност“, па продолжуваме со „Психолошки и хумани аспекти“ со доц. д-р Сашо Кочанковски и „Дискриминација низ правото“ со Митко Фидановски, а на самиот крај Бранимир Јовановски ќе зборува за „Познати личности со инвалидност“. Со тоа работната група ги дефинира сите организациони и технички дејства во процесот на подготовка за работилницата. Претставата може да започне – актерите и публиката се тука, како и режијата, сценографијата и медиумите.