16/05/2014
На 16 мај 2014 година во Кичево се одржа хуманитарен концерт во организација на „Мобилност Кичево“, во соработка со Домот на културата „Кочо Рацин“ во Кичево. На овој настан присуствуваше и делегација од „Мобилност Битола“ предводена од раководителот на КУД „Феникс“, Сотир Јоновски. Честитки за раководната структура на „Мобилност Кичево“ на чело со Бобан кои одлично ја подготвија и организираа оваа манифестација која се одржа пред огромна публика, не оставајќи ниту едно празно место во салата. Со солидниот број на изведувачи и потполниот успех на програмските начела на „Мобилност Македонија“, оваа манифестација е уште еден доказ за капацитетот на нашите здруженија за сè поголеми и посложени предизвици кои успешно ќе ги реализираат. Нека позитивните трендови на здружението им бидат водилки во иднина за сите следни предизвици.
Самата манифестација чија цел беше помош за набавка за ортопедски помагала, помина во најдобар ред, а дружењето на нашите членови продолжи и по самиот настан. За жал, бројот на делегации од другите здруженија не беше голем, а дали оправдување ќе се најде во терминот (вечерни часови) или оддалеченоста на дестинацијата, остава простор за размислување за други активности. Најважната работа е дека постепено јакнат капацитетите и се искористуваат дадените можности кои ни стојат на располагање од страна на институциите. Секако дека тој што не организирал ваков сличен настан, не може да знае колку време и какви предуслови треба да се решаваат и за најмала манифестација, да не речам состанок, а камо ли настан каков што беше претставен во Кичево.
Импресиите на нашите и други членови се веќе на страниците на социјалните мрежи (Фејсбук) и интернет просторот. Како и порано, така и сега, „Мобилност Битола“ ќе продолжи да дава поддршка за ваквото етаблирање на „Мобилност Кичево“ во остварувањето на статутарните и програмски цели на „Мобилност Македонија“.