25/05/2014

„Мобилност Битола“ на спортските игри во Струга

  Оваа година подмладената екипа на „Мобилност Битола“ ги оствари сите притаени надежи во учеството на спортските игри. Покрај Оливера, Васко, Николче, Горан и Наташа кои имаа обезбедено учество со резултатите од претходните игри, нови членови на екипата се Дарко Спировски и Лидија Велјановска. Уште на првиот ден, Оливера не само што го освои првото место во класата воздушен пиштол, туку и го собори сопствениот светски рекорд со неколку круга повеќе. Васко освои медал за второ место со воздушна пушка, а навистина воодушеви Наташа со второто место со воздушна пушка и две трети места во пинг понг и во атлетика. Со освоените три медали таа практично се запиша во поединци со повеќе медали на еден натпревар со надеж дека ќе го повтори успехот на славната битолска тројка во колички: Вергита, Бале и Фанче, Васко и Оливера кои оставија неизбришливи траги во спортот на лицата со телесна инвалидност.

Одличните пласмани на Дарко и Лидија се доказ дека осмислените подготовки и редовни тренинзи ќе дадат резултати. Николче и Горан ги потврдија своите квалитети и со директниот пласман за идните игри практично им отвараат пат на два нови натпреварувачи со кои „Мобилност Битола“, после неколку години консолидација, полека го враќа местото кое со години му припаѓа во овие активности. Раководството на „Мобилност Битола“ и претседтелот, како директен учесник во сите збиднувања, им испраќа честитки за постигнатите успеси и им посакува да продолжат со исто темпо. Поддршката за сите кои го етаблираат здружението во иднина ќе биде сè поголема, а успесите и активноста најголемо мерило. Пораката е да се продолжи и што повеќе да се анимира останатото членство да тргне по нивниот пат на успехот.