31/05/2014

Донација во Ресен

            На 31 мај 2014 година во просториите на „Мобилност Битола“ – истурена канцеларија  Ресен се одржа активност на која познатиот менаџер и технички директор на „Гросер Маркет“ од Сиднеј, Пеце Трајановски, инаку ресенчанец по потекло, донираше компјутерска опрема (компјутер, ЛЦД екран, ласерски штампач и вградена мултимедија) во вредност од 25 000 денари. Инаку, Пеце во Австралија е познат бизнисмен со македонско потекло, а неговата фирма се бави со набавка и дистрибуција на повеќе брендови на добра храна од целиот свет. Во последно време на пазарот во Австралија интензивно се пласираат производи од пиперки (ајвар и печени лупени пиперки подготвени кај нас по сите стандарди кои се бараат во Австралија), а од секој производ се одделува по еден цент кој оди за хуманитарна помош за која господинот Трајановски изјави дека ќе се насочи кон членовите на нашето здружение. Обраќајќи им се на нашите членови, тој искажа задоволство од посетата и додаде дека по враќањето во Австралија со нашинците ќе организира донаторски пикник. Сите собрани средства ќе се трошат со нивна контрола и согласност.

                На самиот настан, покрај членовите од Ресен, од кои најголемо учество имаат Сотир Чаушевски и Нада Тановска, присутни беа и секретарот на „Мобилност Битола“, Митко Фидановски и членот на Управниот Одбор, Сотир Јоновски. Поголема група членови од Ресен воодушевено ја прифатија оваа донација која покажува дека со растење на капацитетот на активностите во огранокот на Ресен ќе растат и плодовите од активностите. Раководството на „Мобилност Битола“ со огромно задоволство ја поздравува и поддржува ваквата активност и ги поттикнува членовите од Ресен да продолжат со исто темпо и во наредниот период. За истото поддршката и заслугите ќе си го најдат своето заслужено место, а поттикот кон другите членови и оние кои не се откриени ќе биде полн погодок во сите напори да се откријат и активираат сите можни членови со телесна инвалидност. За ова, раководството на „Мобилност Битола“ им честита на активистите од Ресен за перманентно претставување пред институциите на системот.