08/07/2014

Мојата Преспа! Мојот Ресен! Мојата судбина!

Триумф во Ресен: Успешно изведена монодрамата „Мојата Преспа! Мојот Ресен! Мојата судбина!“ во режија на Сотир Чаушевски

 

Во рамките на манифестацијата „Актер на Европа“ во Ресен, синоќа (8 јули) беше успешно изведена монодрамата „Мојата Преспа! Мојот Ресен! Мојата судбина!“ со извондредната Марија Кондовска во главната улога, а во режија на нашиот член Сотир Чаушевски. Автор на монодрамата е познатата авторка Ката Мисиркова – Руменова, а адаптацијата на текстот ја направи Офелија Богоевска. Извонредната сценографија, дополнета со аудио-визуелни ефекти и музиката на Тони Карапанчевски, долови сцена на гробишта на кои се одвива дејствието сместено во периодот после Втората светска војна, раскажувајќи за случувањата на едно семејство од Преспа, откинато од родната грутка и расфрлано низ светот. Покрај гробот на својата мајка, главниот лик ја оплакува несреќната судбина на своите браќа. Со голема трансформација и емотивност нè пренесе во едно друго време, откривајќи ја големата љубов кон татковината со повикот за враќање во родниот крај.

Околу 400 посетители ја проследија оваа монодрама, наградувајќи ја со огромен аплауз, а медиумите ја опишаа како „зачеток на ресенскиот театар“. Меѓу многубројните граѓани и преспанци од странство беше и комплетната гарнитура на локалната самоуправа на Ресен предводена од градоначалникот м-р Ѓоко Стрезовски и претседателот на советот, како и познатиот драмски писател и дипломат Јордан Плевнеш.

Присуството на претставниците од „Мобилност Битола“ беше искористено и за контакти и договори за следните настани кои се предвидени во следните месеци. Беше дадена голема поддршка за сите наши напори за остварување на програмските и статутарни цели. По претставата беа направени интервјуа со актерката и со режисерот. Марија Кондовска штотуку го заврши средното образование и се наоѓа на важен крстопат во својот живот кога треба да одлучи каде ќе го надградува своето знаење. До сега имала повеќе улоги во разни пиеси, но сепак оваа и е најдрагоцена и, секако, најтешка. Сотир Чаушевски, пак, е инженер кој отсекогаш имал сон да биде режисер, а тој сон до сега го остварил само 70 пати. Оваа монодрама му е секако најдрага, но и најтешка со оглед на тоа што беше изведена пред неговите сограѓани во Ресен. Видно возбуден, Сотир беше пресреќен што ја доби нашата поддршка во овие мигови и ни откри дека во рамките на проектот „И ние сме дел од вас“ на „Мобилност Битола“ се разработува идеја за претстава наменета за телесните инвалиди со работен наслов „Да се биде поинаков“. Непотребно е да се каже дека нашата поддршка ќе ја има во секое време, а се надеваме дека во иднина ќе присуствуваме на уште многу вакви одлични настани.