30/05/2014

Манифестација по повод донација, трето место и генерална проба

  На 30.07.2014 година, во просториите на „Мобилност Битола“, спортската сала и клубот на Заедницата на инвалидските организации во Битола беше одржана тројна манифестација. Прво завршницата на донацијата од НАТО преку стратешкиот партнер „ГАУС Институт“, односно со предавањето на електронската мета од фирмата „СКАТ“, освојувањето на третото место на Светското првенство во Германија од нашата Оливера Наковска–Бикова и генералната проба на музичари и вокални интерпретатрори поддржани од КУД „Феникс“, во придружба на други музичари од Прилеп и Кавадарци.

На самиот почеток, претставникот на „ГАУС Институт“, инаку стратешки партнер на „Мобилност Битола“, ја комплетира донацијата со електронската мета како врвна алатка во тренажниот процес на врвните стрелци и олимписки натпреварувачи. Со ова се заокружи донацијата на спортски реквизити кои ги доби „Мобилност Битола“. Потоа продолжија активностите со генералната проба на музичарите и вокалните интерпретатори. Манифестацијата беше медиумски покриена со екипа од ТВ Визија од Прилеп. Во продолжение, проф. д-р Игор Неделковски, во име на „ГАУС Институт“ даде изјава пред присутните, искажувајќи задоволство од постигнатото и ветувајќи дека и во иднина соработката ќе остане како приоритет и ќе се користат сите можности за постигнување и реализација на замисли како што бешe оваа.

После тоа, претседателот на НКТ и „МОБИЛНОСТ Македонија“, а воедно и тренер на Оливера, Бранимир Јовановски ја поздрави донацијата и успешното партнерство на „Мобилност Битола“ со „ГАУС Институт“ и истовремено ги поздрави сите активности кои ги презема нашето здружение. Оливера изјави дека токму оваа електронска мета многу ќе и помогне во совладување на сите препреки при тренажниот процес и дека заедно со тренерот ќе работат на подготовките за параолимписките игри кои ќе се одржат во Рио де Жанеиро во 2016 година. Изјава даде и претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико јанков, кој истакна дека сите активности кои ги прави „Мобилност Битола“ се во функција на подигање на капацитетите на здружението и негово етаблирање со остварување на програмските и статутарни цели, а ја поздрави и завршницата на донацијата со набавката на електронската мета и останатите спортски реквизити кои ќе ги користат членовите на „Мобилност Битола“. Дружењето продожи.