10/08/2014

Музички средби на „Струмица Опен Фестивал“

  Како и секоја година, така и оваа, „Мобилност Македонија“ ги организираше традиционалните музички средби кои се одржаа од 10-12 август 2014 година. Минатата година, со традиционалното присуство на градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, се даде ветување од негова страна дека оваа музичка манифестација идната година ќе влезе во програмата на струмичкото културно лето, односно на „Струмица Опен Фестивал“. Тоа ветување го одржа со тоа што ги сносеше трошоците за сместување на учесниците од „Мобилност Македонија“ во хотелот „Цар Самоил“ во Банско.

И оваа година учествуваа околу 90 учесници, во традиционалната придружба на КУД „Феникс“, во кој покрај членовите од Битола, настапија и Соте и Диме, како и членовите од Прилеп и Кавадарци. Самата манифестација после две одржани проби беше на плоштадот во Струмица, во комплетна организација на домаќините, односно градоначалникот Заев. Самиот настан беше посетен од повеќе граѓани и други намерници од Струмица, како и од наши членови од Струмица и околните градови. И оваа година манифестацијата имаше натпреварувачки карактер, така што првото место го освои Христина од Скопје, второто Томче од Битола, а третото Гоце од Скопје.

И покрај најавите, годинава не беа пристуни гости од Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина. Во секој случај ваквиот карактер на нашта манифестација која излезе од сала и сега се одвиваше на отворен простор, е чекор напред кон сè поголема масовност на активностите кои ги спроведува „Мобилност Македонија“. Во текот на манифестацијата беа дадени повеќе изјави од градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, претседателот на „Мобилност Македонија“, Бранимир Јовановски и други. Секако дека се изрази и обострано задоволство од овој тип на соработка и се заклучи дека таа треба да продолжи на ваков и на разни други начини во иднина. Нашите членови Томче, Соте и Диме оставија позитивни впечатоци, како кај учесниците, така и кај посетителите кои ја проследија оваа наша манифестација.