03/12/2015
По повод Меѓународниот ден на лицата со инвалидност – 3 декември и Денот на лицата со телесна инвалидност на Македонија – 4 декември, „Мобилност Битола“ во партнерство со општина Ресен организираше и изведе театарска претстава насловена „За рамнотежа во светот“. Претставата се одржа во големата сала на општина Ресен, пред повеќе од 200 посетители, односно немаше ниту едно празно место, заради што триесетина гледачи стоеја.
Меѓу присутните беше и покровителот на претставата и манифестацијата – градоначалникот на Ресен, д-р Ѓоко Стрезовски, нејзината екселенција амбасадорката на Ју-ен-ди-пи (UNDP) во Македонија – г-ѓа Луиза Винтон, неговото високо првосвештенство Владиката Пимен, претседателот на „Мобилност Битола“ – прим. д-р Нико Јанков со повеќе членови од Битола, поголема група на поети „Изгрев“ од Демир Хисар, од Ресен, Битола и Охрид, како и многу родители со своите деца, актери – деца со инвалидност, ученици и други.
На импресивниот текст со голем емотивен набој од поетесата, инаку член на „Мобилност Битола“, Биљана Тодоровска, следеше маестрална режија на Сотир Чаушевски, кој како диригент на изведба на опера, ги редеше настаните на оваа современа епска бајка, на сите позната, а неоткриена. Актерите – децата со инвалидност и учениците, водени од режисерот како со невидливи конци, покажаа висока професионалност. Цело време претставата беше одлично вклопена со аудио-визуелни ефекти, за кои заслужни беа Ѓоко Таневски и Петар Стојчевски. За оваа пригода „Мобилност Битола“ изработи плакат и леток, кои беа промовирани неколку дена порано. Сите активности беа проследени од печатените и електронските медиуми.
После претставата, покровителот – градоначалникот д-р Стрезовски приреди коктел за сите присутни. На самиот крај, мора да се спомне дека со одлука на Советот на општина Ресен се продолжува проектот за општо корисна работа во соработка со Ју-ен-ди-пи, за што амбасадорката Винтон изрази големо задоволство, но и вети дека после шест месеци грантот ќе се обнови. На овој начин партнерството и заедничките настапи ги даваат најповолните резултати – зголемена инклузија на лицата со инвалидност, рушење на бариерите при односот на средината кон овие лица и создавање на кадри кои со едукацијата низ проектот ќе си го најдат местото и вработувањето.
Сè на сè, многу добри резултати и продолжуваме напред!
VIDEO LINK :