10/02/2015
По подготовките и завршувањето на изборниот процес, со последниот Управен Одбор практично беа завршени сите подготовки за отчетното и изборното собрание. На 10.02.2015 година беше одржана последната седница на УО на „Мобилност Битола“, на која се сумираше постигнатото и беа дадени предлози за идни активности.
Во изминатиот период од четири години, после преименувањето, „Мобилност Битола“ постигна завидни резултати и го зголеми членството за повеќе од 150 членови, а импресивна е и бројката на сите настани со кои се етаблираше во медиумскиот и другиот простор на севкупното живеење. Овој пат, со освежен состав од 30% нови членови во Собранието, исполнети се сите претпоставки дека подготвено ќе ги дочекаме сите предизвици што ги носи иднината. Постигнатото за овие четири години е достапно на времепловот на настани на нашата веб страна.
Соработката со институциите на системот е во нагорна линија, особено во последно време со Ресен, се надеваме на нови импулси и во Демир Хисар, а во Битола тековната состојба е добра и на највисоко ниво. Особено се истакнува активноста во Локалниот економско-социјален совет (ЛЕСС), каде со помош на ЈЕС мрежата на УСАИД веќе договоривме проекти кои се во согласност со нашите програмски и статутарни цели.
Во присуство на околу 90% од старите и новите делегати, Собранието се одржа на 15.02.2015 година. Во свечена и конструктивна атмосфера, прво се одржа отчетното собрание, кое ги верифицираше сите активности и постигнати резултати, а потоа најстариот член, Зорка Штифтер, го отвои и водеше изборниот процес, избор на работно претседателство, записничар и оверувачи на записникот и комисија за кандидати и верификација.
Со верификација на мандатите и богата дискусија, започна седницата на новоизбраното собрание во кое има 30% нови членови. Комисијата за кандидати предложи еден кандидат, кој е прифатен со акламација. Старо-новиот претседател има богата агенда на активност од самото основање на здружението и, според зборовите на членовите, вткаи дел од својот живот и активност во сите полиња на за правата на лицата со инвалидност.
Во обраќањето по повод повторниот избор, прим. д-р Нико Јанков се заблагодари за довербата и најави продолжување на активноста со сите можни методи на делување. Секако дека со него е и Управниот Одбор, кој како екипа со координирана работа и максимално делување ги постигнува и ќе ги постигнува саканите резултати со кои „Мобилност Битола“ се етаблира како сериозен партнер на сите добронамерни субјекти кои ќе го помагаат процесот на внесување на лицата со телесна инвалидност со сите сфери на животот.
Се надеваме дека во иднина, со разбирање особено од институциите на системот, ќе може да се одржи нагорната линија во остварувањето на правата на лицата со телесна инвалидност и нивната инклузија во општеството. Активностите продолжуваат.