27/02/2015

Координативен состанок во општина Битола

На 27 февруари 2015 година, во просториите на општина Битола се одржа координативен состанок, на кој присуствуваа г-дин Ѓорѓи Кушевски, директор на ЈЕС – мрежата, Наташа Алабаковска, регионален координатор на ЈЕС –мрежата, м-р Виолета Налевска, советник во општина Битола, прим. д-р Нико Јанков, претседател на „Мобилност Битола“ и Фанче Георгиевска и Лидија Велјановска, членови на УО на „Мобилност Битола“.

Целта на состанокот беше детално планирање на настанот, којшто ќе се одржи на 11 март 2015 година, во организација на ЛЕСС и општина Битола, со поддршка од УСАИД – ЈЕС мрежата. Промотор на настанот е „Мобилност Битола“, а целна група се ранливите категории, конкретно лицата со инвалидност. Реализацијата на овој настан е во рамките на проектот „И ние сме дел од вас“ и е насловен „Економска и социјална инклузија на лицата со инвалидност“.

Самиот настан е поделен во два дела; свеченото отворање во холот на Центарот за култура – Битола ќе започне во 12 часот со поздравен говор на градоначалникот на Битола, д-р Владимир Талески, а ќе се обратат и претставниците на ЈЕС – мрежата и ЛЕСС Битола, како и претседателот на НКТ и „Мобилност Македонија“, г-дин Бранимир Јовановски, по што ќе следува посета на саемот на ракотворби од лица со инвалидност и млади од „Астерион галери“.

Вториот дел е трибина на тема закон за вработување на лица со инвалидност, која ќе започне во 13 часот во малата сала на Центарот за култура. Вовед во темата ќе направи прим. д-р Нико Јанков од „Мобилност Битола“, а забелешки, решенија и коментари ќе понуди претседателот на НКТ и „Мобилност Македонија“, г-дин Бранимир Јовановски, додека на тема „Моја кариера“ ќе зборува Лидија Дамчевска. По изгалањата на сите учесници во трибината ќе следи дискусија со заклучоци.

За овој настан, кој ќе биде медиумски покриен од пишаните и електронските медиуми, веќе се изработени промотивни плакати и летоци.