06/03/2015
Поголема делегација на „Мобилност Битола“ од Битола зеде активно учество во хуманитарниот концерт, кој се одржа на 6 март 2015 година во спортската сала „Зоран Стојановски“ во Ресен. Снежното невреме и студот не успеа да ги спречи 1.100-те посетители и околу 120 изведувачи да уживаат во прекрасниот гала концерт.
Во присуство на покровителот – градоначалникот на општина Ресен, м-р Ѓоко Стрезовски и Неговото високо првосвештенство, владиката Пимен и делегацијата од „Мобилност Битола“, на чело со претседателот, секретарот и членовите на УО, како и делегација од „Мобилност Кичево“ и други активисти, организаторот на настанот - естрадниот уметник Ташко Каранфиловски со неговите гости од естрадата, но и домашни изведувачи и играорци од КУД „Таше Милошевски“, повеќе од 3 часа ја забавуваше публиката. После поздравните говори, настанот успешно го водеше водителката Валентина Парго – Георгиевска. Манифестацијата ја проследија и неколку медиуми на нашите иселеници, особено од Преспа, во Австралија, Америка, Канада, Шведска и други.
Во поздравните говори се истакна дека иселеничките клубови ќе организираат слични донаторски и хуманитарни манифестации, а истата заложба ја повтори и градоначалникот Стрезовски, кој најави нови иницијативи и проекти за членовите на нашето здружение во Ресен.
Сè на сè, една прекрасна манифестација за поддршка, која ќе остане во трајно сеќавање. Од сè срце им се заблагодаруваме на сите добронамерници, големото разбирање и соработката на локалната самоуправа и институциите на локално ниво. Активностите продолжуваат.