04/03/2015

Mеморандум за соработка со општина Ресен

  На 3 април 2015 годна во просториите на „Мобилност Битола“ беше одржан координативен состанок на претставници на општина Ресен и претставници на „Мобилност Битола“. На состанокот се разговараше за проширување на соработката, која инаку е на завидно ниво, како и на проектите во кои нашето здружение ќе биде партнер. Претставниците од кабинетот на градоначалникот на Ресен (м-р Ѓоко Стрезовски, Наумче Ташовски и Миха Догу) детално ги информираа членовите на УО на „Мобилност Битола“ (претседателот прим. д-р Нико Јанков, секретарот Митко Фидановски, Сотир Јоновски, Лидија Вељановска, како и членот на УО од Ресен – Нада Тановска, членот на Собранието на „Мобилност Битола“ од Ресен – Роберт Ламановски и претседателот на Надзорниот Одбор – Димче Христов) за идните планови за работа на проекти.

Имено, општина Ресен е во постапка за апликација на грант, во кој е неопходно да има партнер. Работниот наслов на овој грант е општествено корисна работа, односно „Воспоставување на локални сервисни услуги за лицата со посебни потреби – лица со телесна инвалидност и комбинирана попреченост“. Времетраењето на проектот е шест месеци и би опфатил 30-40 лица, а би се ангажирале неколку невработени лица, кои ќе бидат даватели на услуги и кои претходно ќе бидат обучени од тим на експерти, кои ќе бидат ангажирани во подготвителната и фазата на следење на проектот. Како носител на проектот е општина Ресен, а партнер е „Мобилност Битола“ со активисти од канцелариите во Ресен и Битола.

Во таа насока, откако се разгледаа проектната документација и нацрт-меморандумот, кој на лице место беше адаптиран за двете страни, се потпиша Меморандум за соработка на проекти и конкретен проект, кој ќе биде процесиран и архивиран откако ќе го потпише градоначалникот. Со ваквата активност „Мобилност Битола“ направи уште еден чекор кон максималното залагање за активирање на своето членство во корисни и забележливи активности кои ќе отвораат нови перспективи за добросостојба, не само за членовите на „Мобилност Битола“, туку и за нивните семејства и пошироко.

Во овој тек на настаните, сакаме уште еднаш да ја поздравиме кооперативноста и сесрдното залагање на општина Ресен, градоначалникот м-р Ѓоко Стрезовски, Советот на општина Ресен и членовите на кабинетот. Активностите продолжуваат.