05/05/2015
На 5 мај 2015 година, со почеток од 18.30 часот во спортската сала на заедницата на инвалидски организации се одржа свечена промоција на стихозбирката „Душа од кристал“ на нашата членка и поетеса, Биљана Тодоровска. На пристутните во преполната сала прв им се обрати претседателот на „Мобилност Битола“ – прим. д-р Нико Јанков, кој истакна дека здружението преку своите програмски и статутарни цели ќе продолжи да ги негува и поддржува иницијативите на поединци и групи, со кои се подигнува капацитетот на здружението.
За извонредноста на стихозбирката пристапни беседи имаа рецензентот и издавач, Илија Мерковски и поетот, писател и наш член, Кире Огненовски. Потоа, членовите од рецитаторскиот клуб при ОУ „Св. Кирил и Методиј“, Емилија Илиевска и Марија Трпеновска, како и членовите од поетскиот кружок „Изгрев“ од Демир Хисар – Биљана Солунчевска, Златко Бошевски и Мери Арсовска интерпретираа неколку песни од стихозбирката, која веќе освои и награда „Книжевен светилник“.
На самиот крај, наградена со бурни аплаузи од сите присутни – роднини, пријатели, членови на „Мобилност Битола“ и други љубители на пишаниот збор, Биљана се заблагодари и вети дека својата енергија и целиот творечки потенција ќе ги искористи за да даде што поголем придонес кон современата македонска поезија, а потоа ги покани присутните да ја продолжат дружбата со пригоден коктел.
Во продолжение Ве очекуваат и рецензијата на издавачот Илија Мерковски, како и беседата на нашиот член, поетот и писател Кире Огненовски.
-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Живот исполнет со многу љубов – поглед кон книгата „Душа од кристал“ од Биљана Тодоровска
Една душа, душа од кристал, зафатена и исполнета со љубов, ранета, пеплосана, но како феникс повторно издигната, сама од себе, заради сè што таа носи со себе, саможртвување во име на љубовта.
Биљана Тодоровска во својот поетски првенец „Душа од кристал“ врамила четириесетина свои поетски изблици кои доаѓаат од длабината на својата душа. Со една силна моќ да ги придвижува чувствата, да ги прилепува за душата на секој читател, за да се доживуваат како една лична возбуда.
Биљана Тодоровска во песните, од оваа прекрасна стихозбирка, умее да сака. Нејзиното срце е дом за силни побуди, со искрена топлина, побуди кои пулсираат низ сите сегменти на убавото пеење, искажани со ослободениот збор, кој патува со своето метафоричко значење до секое срце. На тој пат не треба да се самува, љубовта не треба да самува.
Посакувањето низ говор, посакувањето низ стихови на вознес, не само да се љуби страдално, туку и да се стане реалност во мисија на стихот.
Несонот донесува душевни раскази. Време е кога податливо се предаваме на болката на срцето, на тагата, на безграничното проектирање и моделирање на поимот љубов.
Биљана преку стиховите од стихозбирката „Душа од кристал“ испраќа добрина, радост, мир и убави нешта и пред сè љубов, упатена многу милно.
Биљана Тодоровска допира со стиховите до сечие срце. Преку своите песни таа ни дозволува за момент да погледнеме во поетскиот свет, свет во кој и покрај сè се посакува и се воспева топлината и светлината на Сонцето.
Надежта испеана преку стиховите на Биљана е во времето. Тоа ги залекува раните, тоа ја менува ноќта со утрото, тоа ни го носи зборот простување. Да, да се прости заради силната љубов, заради грстите солзи, за допирот нежен, за бессоните ноќи, за самувањето, за невозвратената љубов, за убавината по копнежот по она што се губи.
Споделувајќи ја песната со нас, Биљана ги споделува сопствените визии за животот, за љубовта, за сè она што љубовта го носи со себе, радости и таги, насмевки и солзи, паѓања и станувања, потрага по темното, песна на восхит од светлината, посебно кога со своите зраци ќе ја прегрне убавината, душата од кристал.
Илија Мерковски
-------------------------------------------------------------------------------------------------------------- - - - Со појавата на оваа стихозбирка од поетесата Биљана Тодоровска доаѓа до едно ново збогатување во современата македонска поезија, со што внесува една свежина со своите стихови на лирско пеење во литературата.
Водена од пулсот на животот: со желбата, копнежот и љубовта ги осмислува стиховите како дел од себеси за да се искачи како победник на пиедесталот.
Живеејќи во мигови на љубовта, тргнува во потрага по среќата, барем и за кратко во денот, под светлината на сонцето и ноќта со ѕвезденото небо на Големата и Малата мечка и ѕвездата Северница, што може да се види и од самата песна, каде што вели:
„И кога веќе ќе дојдеш,
Вети ми, те молам
Дека нема да ме оставиш
Ни минута повеќе сама.“
Гледајќи ги од филозофска диоптрија, среќата и душата се две близначки кои живеат во едно тело, а телото е самиот човек, кој живее со сите позитивни и негативни атрибути на овој свет.
Поезијата од оваа стихозбирка претставува еден чин на разбранувано доживување за љубовта, радоста и тагата, насмевката и солзите, упорноста да се издигне над тешкотиите во животот, таа го применува Омовиот закон сведен во една теорема:
Множете, делете, одземајте, собирајте
И во секое добро уживајте!
Кире Огненовски