14/06/2015

ДЕФИЛЕ и РАБОТИЛНИЦА

На 14 јуни 2015 година, „Мобилност Битола“ успешно го изведе јубилејното 10. по ред Дефиле на Широк сокак заедно со работилница, годинава со мошне провокативната тема -  „Заштита на лицата со инвалидност во процесот на работа“. Во присуство на пишаните и електронски медиуми, пред околу 200 учесници и гости од сите здруженија на „Мобилност Македонија“, изјави дадоа прим. д-р Нико Јанков, претседател на „Мобилност Битола“ и претседателката на Советот на општина Битола, проф. д-р Силвана Ангелевска. Се изрази загриженост од намалената правна заштита и зачестените откази на лица со инвалидност. Забележано е дека Синдикатот, како етаблиран бранител на правата, де факто е под контрола на работодавците, а инспекциските служби се неажурни и само ја регистираат неправилноста.
Дефилето се изведе во функција на запознавање на јавноста и институциите на системот со оваа растечка проблематика. Веднаш по дефилирањето на Широк сокак, во малата сала на НУ Центар за култура – Битола се одржа тематска работилница за истата проблематика. Вовед имаше прим. д-р Нико Јанков, а излагачи беа адвокатот Владо Докулевски, претседателот на НКТ и „Мобилност Македонија“, Бранимир Јовановски и претставникот од Министерството за труд и социјална политика, Душан Томшиќ.
Во воведот д-р Нико наведе дека загрижувачки е бројот на отпуштени лица со телесна инвалидност во регионот (околу 30) и дека тешко ќе најдат работа на пазарот на трудот. Исто така беше обрнато внимение на сите аспекти кои го покриваат работниот процес, од состојби до правни лекови, вклучително отказот како завршница. На крајот, споредувајќи ја македонската со европската легислатива, ги наведе огромните разлики.
Вториот излагач, Владо Докулевски, со хронолошка прецизност, од Уставот, колективните договори, законот на работни односи и кривичната одговорност, го изнесе патот кој треба да се помине за да се постигне успех во барањето на правдата. Бранимир изнесе хронологија со клиничка студија на новиот закон за вработување каде би се избегнале сите замки на постоечкиот закон, а предложи и мерки. Душан, сумирајќи го сето искажано, ги инесе размислувањата на МТСП, кое водено од истите побуди сака да понуди решенија со кои нема да се засегнат лицата со инвалидност (колку што е можно повеќе). Исто така, тој си зеде за обврска од сето чуено и разговарано да го извести министерот.
После излагањата се отвори богата дискусија од повеќе членови на „Мобилност Македонија“, со лични приказни и свои забелешки за она што им се случува или допрва ќе им се случи. Со исцрпувањето на дискусиите, забележливо беше задоволството од ваквите успешни тематски средби и дека понудените репери (дискусија и леток за размислување) беа сосема на место.
За настанот „Мобилност Битола“ имаше изработено плакат и леток кој беше разделуван на Широк сокак и во салата каде што се одржуваше работилницата. После завршувањето на работилницата, организаторот за сите пристутни обезбеди дружење и ручек.