12/08/2015

3. Балканска колонија на ракотворци

Од 12-16 август 2015 година во Битола, како манифестација во рамките на битолското културно лето „Бит фест 2015“, се одржува третата Балканска колонија на ракотворци, чиј организатор е „Астерион 5“, со кој имаме партнерски договор. Годинава под мотото „Култура на ракотворење“ и во присуство на ракотворци од Австрија, Србија, Турција, Босна и Херцеговина, Македонија и Израел, во колонијата учествуваат и шест дипломци и студенти на ФЛУ при УКИМ, предводени од Тони Николовски, виш конзерватор и реставратор. Од наша страна на овој впечатлив настан учествуваат нашите познати ракотворци Мирко Костовски, Гордана Стојановска, Гордана Пешевска и, секако, специјалниот гостин на „Мобилност“ на оваа манифестација – Роза Мојсовска од Струмица.
Деновиве можност за претставување имаат и други ракотворци, кои имаат желба да се изразат, а централното место на настаните секако дека му припаѓа на израелскиот уметник со руско потекло, Руслан Сергеев. Роден во Русија, школуван во Белорусија и Украина, со заслужен епитет скулптор на пејзажни расположенија, автор е на повеќе од 95 големи пејзажни мозаични структури, 9 уникатни паркови на скулптура (сетилен, научен, за инвалиди, на звукот и природата). Има повеќе од 40 изложби низ светот со блескави критики од „Хералд трибјун“, „Палм бич пост“, „Ерусалим пост“ и „Про-дизајн 5“.
Меѓу годинешните учесници е и Рамазан Ајкилич, сликар од Измир, кој има потекло од Битола, а ќе ја разработува темата за битолскиот чкембар, како и Живко Поповски Цветин, кој за своите дела (Цветната патека за мир) очекува да влезе во Гинисовата книга на рекорди. Нашите учесници ја имаа честа да бидат заедно и да творат во присуство на познати имиња. Задоволството е уште поголемо што оваа трета по ред Колонија е поддржана и од Министерството за култура, како и од Градоначалникот на општина Битола.
На затворањето на Колонијата се очекува да биде присутен и амбасадорот на Република Израел, како и други почесни конзули. Сè на сè, настани за паметење и влогови за иднината.