20/08/2015
Со посредство на UNDP, Владата на Република Македонија е во реализација на проектот „Самовработување на лица со инвалидност“, за кој конкурсот официјално трае до 1 септември годинава. Во таа насока Агенцијата за вработување на РМ преку своите центри за вработување започна со серија трибини со цел да ги запознае заинтересираните лица за начините и условите за самовработување при што ќе се манифестира максимална финансиска и друга поддшка во бизнис плановите на лицата кои ќе се самовработат.
На подрачјето на делување на „Мобилност Битола“, во изминативе денови се одржаа две трибини. Првата се одржа во Ресен на 20 август 2015, во просториите на „Мобилност Битола“, -канцеларија Ресен, на која учество зедоа директорот на Центарот за вработување во Ресен – Зоран Костовски и одговорното лице Садет Зутеа. На трибината присусутвуваше и членот од кабинетот на опптина Ресен, Наумче Ташовски. Од наша страна, покрај заинтересирани членови од Ресен, присуствуваа и дел од раководството на „Мобилност Битола“ – претседателот прим. д-р Нико Јанков и членовите на УО, Фанче Ѓоргиевска и Сотир Јоновски.
Во дискусијата активно учество зедоа и активистите од Ресен: д-р Сања Андоновска, Роберт Ламановски, Сотир Чаушевски, Гордана Стојановска и во името на вработените во проектот, Антонио Милошевски. Информацијата која ја дадоа присутните од Центарот за вработување практично беа основните насоки кои се нудат со проектот, а за сите детали ќе се прави поединечен договор.
Во Битола, трибината се одржа на 21 август со почеток во 12 часот во спортската сала на Заедницата на хуманитарните организации при Центарот за социјални работи. Претставници на Центарот за вработување од Битола беа Лидија Сушак, Лилјана Стојановска и Јулијана Поповска. Од нивна страна беше многу исцрпно искористена оваа инфорамативна средба за запознавање на бројните присутни (околу 40), за сите модалитети кои ќе го следат процесот на самовработување, начинот на конкурирање, начинот на подготовка и доаѓање до листата на оние коишто ќе го добијат „самовработувањето“.
Инаку, секој поединечен грант тежи 270.000 денари, средствата ќе се користат по фактура. За цела Република Македонија има обезбедено ангажман за 120 лица, со можност секое лице да може да вработи уште 2 лица, за кои добива дополнителна поддршка од 92.000 денари. Склучувањето договор и започнувањето со работа вклучува права и обврски. Интересно е дека ако од кои било причини фирмата нема да ја издржи конкурентноста на пазарот, во првата година има повраток на средства од 80%, во втората година 60%, а правото за неплаќање на придонеси е 5 години. Повторно добивање на средства може да се оствари после 5 години.
Во богатата дискусија, од повеќе присутни се разгледаа сите аспекти и практично мислиме дека присутните во поттполност, барем во оваа првична информација, ја сфатија пораката и другите поголеми обврски кои следат во остварувањето на програмата. Присутни беа претставници од сите сојузи на лицата со инвалидност, како и заинтересирани поединци и такви кои веќе користеле некои бенефиции од порано. Најголем акцент во дискусиите беше ставен на тешкотиите кои се јавуваат во остварувањето на работниот процес во отежнатите услови на стопанисување во кои се наоѓа нашата држава и неможноста за остварување на некои законски права кои веќе постојат со законската регулатива и ратификуваната Конвенција за правата на лицата со инвалидност. Особено беше нагласено доцнењето на враќањето на уплатените средства во однос плата, придонеси, чие доцнење во овој момент е минимум 8 месеци.
Од причини што придонесите изнесуваат околу 35% од бруто платата, а 10% е персоналниот данок, без склучување на останатите специфики при отварање на ново работно место и самата специфика на дејноста, уште на самиот почеток оптоварувањата се со над 100%, така што дадените средства за опрема и за репро материјали практично би ги снемало во првите два месеца од функционирањето на новата фирма. За сите други детали, претставниците на Центарот за вработување и во Ресен и во Битола изразија подготвеност за максимална продуктивна соработка.
Се надеваме дека оваа констатација после овие први информативни трибини ќе има позитивен тренд и дека еден дел од невработените лица со инвалидност ќе ја најде својата иднина.