20/11/2016

Работилница во Ресен

          На 20 ноември 2016 година, во ресторанот „Две лири“ во Ресен беше успешно реализирана тематска средба поддржана од „Мобилност Македонија“, во соработка со општина Ресен. Целта на средбата беше да се сумираат првичните резултати од заедничкиот проект на „Мобилност Битола“ и општина Ресен, поддржан од Ју-ен-ди-пи (UNDP), за сервисни услуги на лицата со инвалидност од квалификувани невработени лица преку Агенцијата за вработување – Ресен, во чии рамки опфатени се 40 лица со разни инвалидности од осум даватели на услуги.
Средбата ја промовираше организаторот „Мобилност Битола“, а на присутните им се обратија градоначалникот на Ресен, д-р Ѓоко Стрезовски и претседателот на „Мобилност Македонија“, г-н Бранимир Јовановски, истакнувајќи дека ваквиот пристап е со пионерски чекори. Градоначалникот Стрезовски се заложи за уште поуспешна соработка со „Мобилност Битола“, но и со „Мобилност Македонија“, чиј претсетадел го поздрави пристапот и досегашната соработка, која оди во нагорна линија и искажа заложба на „Мобилност Македонија“ за проширување во сите домени согласно правото содржано во Конвенцијата на ОН, која нашата држава ја ратификуваше во 2011 година.
Во стручниот дел од средбата беа претставени два труда. Вовед со анализа на методата на примерок од прим. д-р Нико Јанков, претседател на „Мобилност Битола“, кој во своето излагање, анализирајќи ги одговорите на трите групи – корисници, даватели на услуги и граѓани, дојде до интересни сознанија што допрва ќе ги трасираат начините и обемот на соработката и изведувањето на активностите. Следната тема беше од претседателот на „Мобилност Македонија“, г-н Бранимир Јовановски, која опфати професионална рехабилитација и персонална асистенција, истражувања и заклучоци од тековниот проект на „Мобилност Македонија“.
Сè на сè, добра основа за дискусија од неколку дискутанти, а и сите други кои веќе беа подготвени, бидејќи во подготовката на средбата беше изработен и постер со леток како појдовна точка за размислување и дискусија. Цело време се задржа висок степен на внимание на присутните и задоволство од понудената изложена тематика. Со тоа уште еднаш се докажа дека ваквиот пристап го подигнува капацитетот на инвалидските организации. После завршувањето на стручниот дел и дискусиите, имаше заедничко дружење.