23/12/2016

Новогодишна забава на „Мобилност Битола“

              Традиционалното дружење на членовите на „Мобилност Битола“ по повод Новата година се одржа на 23 декември 2016 година, во ресторанот „Довлеџик“ во Битола. Со присуство на околу 85 гости, меѓу кои и членови од Битола, Прилеп, Штип и Скопје, како и гостинот од Израел, забавата помина во одлична атмосфера, со музика, разговори, шеги, игри и ора.
Подготовките за забавата започнаа пред повеќе од месец дена, со учество на повеќе учесници, меѓу кои Нико, Лидија, Фанче, Соте, Димче и други. Секако дека најголемиот предизвик беше одредувањето на локацијата што ќе ги задоволи условите на пристапност и поволна цена на аранжманот. После разгледувањето на понудените локации, одлучивме да ја избереме кафаната „Довлеџик“, каде што имавме одлична прослава и пред повеќе години. Традиционално, поголема група на членови од Прилеп, Скопје и Штип, а понекогаш и од други здруженија од Македонија, ни се придружуваат во вакви пригоди, а се надеваме дека овој тренд на дружење ќе продолжи и понатаму.
Во своето обраќање, претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков го искажа задоволството од долгогодишното дружење, кое од година во година опфаќа се поголем број на членови. Тоа значи дека за нашите членови овој начин на комуникација и дружење е прифатлив и ги исполнува нивните критериуми што можат да си ги дозволат. Со завршување на нашето дружење сме постари за уште една година, но и побогати за уште едно искуство. Во оваа пригода, на сите членови на „Мобилност Битола“ и „Мобилност Македонија“ им ги честитаме празниците и им посакуваме многу здравје и среќа во Новата 2017 година!