04/02/2016
На 4 февруари 2016 година, делегација на „Мобилност Битола“ зеде активно учество на изложбата на слики од Меѓународната ликовна колонија „Охрид 2015“ и 21. литературно-поетско претставување на трудовите на авторите од редовите на членовите од „Мобилност Македонија“. Не случајно беше одбран датумот на чествување на овој ден, на кој пред точно 144 години е роден големиот македонски револуционер Гоце Делчев, кој „го разбираше светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.
На ова чествување, кое го отвори претседателот на „Мобилност Македонија“ – г-дин Бранимир Јовановски, имаше околу 200 учесници и гости. Програмата успешно ја водеше г-дин Ѓорги Калајџиев. Прво беа претставени 53 дела од 14 автори од колонијата, од кои 3 се лица со телесна инвалидност и 11 академски сликари. Во вториот дел од програмата, од 15 автори на дела беа претставени првите пет, а 3 од нив беа наградени со плакети. Првото место овој пат ѝ припадна на претставничката на „Мобилност Битола“, Биљана Тородовска.
Во опуштена и свечена атмосфера настанот беше проследен од повеќе пишани и електронски медиуми. За манифестацијата беше испечатена и прекрасна брошура, која содржински целосно го опфати настанот и сите активни учесници. Со ова уште еднаш се потврдува високиот капацитет на „Мобилност Македонија“, во своето комплетно остварување на статутарните и програмски начела.