05/03/2016

Прекугранична соработка на „Мобилност Битола“

              На 5 март 2016 година, претставници на „Мобилност Битола“ остварија средба со позната консултантска компанија од Солун, Република Грција. Предмет на разговорите беше остварување на прекуграничен грант финансиран од ЕУ. Инаку, компанијата „Еуротек“ опстојува триесетина години и се занимава со менаџирање на грантови кои, меѓу другото, се поврзани и со потребите на лицата со инвалидност.
Овој пат, со посредство на првите луѓе на Завод и музеј - Битола, дипл. инж. арх. Зоран Алтипармаков, директор и д-р Ирена Ружин, програмски директор, разговаравме на тема достапност на културните наследства во нашата земја за лицата со инвалидност, особено телесна. Претставници на „Еуротек“ беа г-дин Димитрис Росакис, директор и д-р Софија Каракоста, социолог и експерт за културен менаџмент, а од „Мобилност Битола“ присутни беа претседателот прим. д-р Нико Јанков, членката на УО – Фанче Георгиевска и Ивона Јанкова, како преведувач на англиски јазик.
После запознавањето и пренесувањето поздрави од претседателот Националната конфедерација за лица со инвалидност на Р. Грција, г-дин Јанис Вардакастанис, нашите соговорници нè информираа за можноста за добивање на грант за прекугранична соработка – тематска туристичка промоција и овозможување пристапност на културното наследство на Македонија и Грција, во тесна соработка со институциите и музеи на Битола и Солун, но и пошироко.  Се очекува договорот да се потпише наскоро, а со директорот на Музејот од Битола е договорено потпишување на меморандум за соработка и консултативни мислења за совладување на архитектонските бариери во музејот.
Овој состанок отвори нови перспективи на стари иницијативи на „Мобилност Битола“ за продолжување на соработката со Корча, Албанија, а можеби и заедно со Солун, Грција. Ги очекуваме и следните надежни настани.