12/06/2016
Во Битола, на Широк сокак, пред Магазата и во малата сала во Центарот за култура – Битола, беше успешно изведена комбинирана манифестација во заедничка организација на „Мобилност Битола“, Завод и музеј – Битола, Центар за култура – Битола, „Мобилност Македонија“ и „Медикус хелп“ од Скопје. Идејата водилка при планирањето на овој проект беше пристапноста до културното наследство, односно како патината на материјалното и духовното творештво да се доближи кон лицата со инвалидност. Нашите заложби за сите идеи да ги претвориме во практична и остварлива реалност вродија со плод.
Имено, на 12 јуни 2016 година, во 10 часот на плоштадот „Магнолија“, пред повеќе електронски и пишани медиуми се промовираше соработката за остварување на зацртаните цели. Веднаш после изјавите за медиумите, стручни лица од „Медикус хелп“ презентираа помагала за совладување на бариерите, како што се монтажна рампа и „гасеничар“, а презентацијата остави поволен впечаток кај присутните, кои потоа продолжија со традиционалното Дефиле на Широк сокак, со кое ја запознавме јавноста за нашата положба и цели.
Главниот дел од настанот беше работилницата на тема „Пристапност кон културното наследство“, која се одржа во малата сала на Центарот за култура – Битола. Воведниот збор го имаше претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков, а потоа следеа експертските излагања на претседателот на „Мобилност Македонија“, г. Бранимир Јовановски и програмскиот директор на Завод и музеј – Битола, д-р Ирена Ружин. Мајсторството на излагачите не ги остави рамнодушни ниту медиумите, кои го регистрираа и овој сегмент од манифестацијата, во чии рамки беше потпишан и меморандум за соработка меѓу нашето здружение и Завод и музеј – Битола.
Со ова „Мобилност Битола“ повторно доживува силна афирмација за поддршка во остварувањето на статутарните и програмски цели, а нам ни останува да изразиме огромна благодарност и почит за поддршката од општина Битола и претседателката на Советот, проф. д-р Силвана Ангелевска, директорот на Завод и музеј – Битола, г. Зоран Алтипармаковски, директорот на Центарот за култура – Битола, г. Борче Димитровски, директорката на „Медикус хелп“ од Скопје, Слободанка Ханџиска и, секако, претседателот на „Мобилност Македонија“ и НКТ, г. Бранимир Јовановски.
По завршувањето на овој исклучителен настан, организаторот обезбеди дружење во ресторанот „Корзо“.